Членството на Македонија во НАТО носи бројни придобивки, од колективна безбедност и стабилност до нови економски можности и модернизација на армијата, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за Одбрана, Владо Мисајловски.
Колективна безбедност и стабилност во рамките на најголемиот политичко-воен сојуз
Мисајловски потенцира дека најзначајната придобивка од членството во НАТО е колективната безбедност што ја обезбедува овој сојуз, нагласувајќи дека стабилноста на граѓаните е на прво место. Тој објасни дека Македонија е во привилегирана позиција, бидејќи учествува во донесување одлуки рамо до рамо со големите светски сили, што ја позиционира земјата како дел од силна и сигурна алијанса.
„Што се случува околу нас, поготово во Украина, Блискиот Исток, нови жаришта. Постојано се наоружуваат земјите, но ние сме дел од системот каде што заеднички седиме на маса со најсилните држави во светот,“ истакна Мисајловски.
Модернизација на армијата и економски можности преку НАТО
Мисајловски нагласи дека членството во НАТО го стимулира процесот на модернизација на армијата, бидејќи земјата е обврзана да одвојува над 2% од буџетот за одбрана. Во моментов, модернизацијата е насочена кон лесната пешадиска баталјонска група, што претставува стратегиски приоритет.
„Секоја земја има свои цели и способности во однос на модернизацијата, и ние сме насочени кон подобрување на лесната пешадиска баталјонска група,“ објасни Мисајловски.
Економски придобивки и пристап до НАТО пазарот
Според Мисајловски, членството во НАТО создава и економски придобивки, бидејќи зголемената безбедност привлекува нови инвеститори. Компаниите од Македонија добиваат пристап до НАТО пазарот, што отвора нови можности за економски развој. „Со зголемената безбедност, се отвора и ново поле за економија – многу компании сакаат да инвестираат поради оваа причина, што е позитивно за нашата економија,“ нагласи тој.
Мисајловски додаде дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедува континуирано финансирање од 2% од буџетот за одбрана, што овозможува стабилна модернизација и развој на воената инфраструктура, стои во партиското соопштение.