Стопанскиот сектор задоволен од унгарскиот заем: Сите добиваат „свежи пари“

Стопанството и Владата се усогласија. „Бизнисот ќе земе пари за нови инвестиции, но сите добиваат, и државата и граѓаните“. Ваков е ставот на стопанството по договорот на дел од банките и Владата за унгарскиот кредит. „Свежи пари“ ќе завршат во инвестициски циклуси и веќе планирани проекти. Не се обврзани на одреден профит и нови работни места.

Компаниите да подготват добар бизнис-план, порачува премиерот Мицкоски.

Финансиска инјекција за стопанството

До крајот на неделава условите за добивање средства би требало целосно да бидат дефинирани. Со финансиската инјекција од 250 милиони евра се очекува зголемување на продуктивноста, отворање нови работни места.

Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата. Максималниот износ што можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.

Историски договор – историски најниска каматна стапка

Мицкоски во текот на вчерашниот ден ја соопшти убавата вест.

Власта очекува финансиска инјекција за стопанството, опозицијата критикува за нетранспарентност.

Изгласан е законот

На 17 септември годинава со 65 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка. Против Законот гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше.

СДСМ со критики за нетранспаретност

На гласањето му претходеше едночасовна дискусија. Пратениците од опозициската СДСМ го критикуваа законот и укажуваа на корупција и нетранспарентност. Од друга страна, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го бранеа заемот и рекоа дека истиот ќе внесе свежи пари во економијата и ќе помогне во развојот на општините.

Зошто на Владата ѝ е потребен заем од Унгарија?

Со унгарските пари ќе се помагаат општините и стопанството

Парите од владата на Унгарија, како што најави премиерот Мицкоски, а обелодени пратеникот Стојаноски ќе бидат за три главни намени: Дел од средствата ќе одат за сервисирање на буџетот, дел ќе биде наменето за стопанството и дел ќе биде за проектите од општините.