Обвинетиот ја повлекува претходната изјава за киднапирењетп и двојното убиство
На денешното рочиште за случајот со киднапирањето и двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, обвинетиот Влатко Кешишев го повлече својот писмен исказ доставен минатата недела. Според неговите тврдења, тој бил принуден од првообвинетиот Љупчо Палевски да ја напише изјавата.
„Тоа не беше моја изјава. Ми беше даден текст од Палевски, кој побара да го напишам со свој ракопис. Тоа го сторив бидејќи се плашев од него,“ рече Кешишев пред судот.
Во претходната изјава, сега повлечена, беше наведено дека Љупчо Палевски не бил присутен во времето кога се случиле киднапирањата и убиствата.
Изјава на одбраната на Кешишев
Адвокатот на Кешишев, Игор Ефремов, објасни дека неговиот клиент бил изложен на принуда за време на транспортот од затворот до судот.
„Мојот клиент беше превезуван заедно со првообвинетиот двапати. За време на транспортот, му беше дадено парче хартија со текст, кој му беше наложено да го препише и потпише. Стравот од првообвинетиот го принуди да го стори тоа,“ изјави Ефремов.
Ефремов додаде дека изјавата е целосно повлечена и дека неговиот клиент ќе го даде својот вистински исказ при следното сведочење пред судот.
Судијата Ивица Стефановски, имајќи го предвид ваквото влијание, наложи од овој момент транспортот на обвинетите да се организира со четири посебни комбиња, при што секој обвинет ќе биде превезуван одделно. Во врска со ова, директорот на затворот „Шутка“, Бобан Утковски, во телефонски разговор за ТВ 24, потврди дека сите обвинети се подложени на претрес пред секој транспорт во присуство на полициски службеници. Тој додаде дека обвинетите се секогаш со лисици на рацете и дека не биле пронајдени забранети предмети како писма или мобилни телефони.
Јавните обвинителки, пред почетокот на рочиштето, изјавија дека изјавата на Кешишев доставена минатата недела нема доказна вредност во оваа фаза од постапката. Тие објаснија дека, според одредбите од законот, обвинетите имаат право да дадат конечен исказ на крајот од судењето. Обвинителката Жаклина Крстевска изјави дека по изведувањето на сите вербални сведоштва ќе следи презентација на материјалните докази. Таа додаде дека тие докази целосно ќе разјаснат одредени околности кои оставија простор за прашања во јавноста во врска со тоа што и како се случило.
Сведоштва за откривање на телото на Жежовски
Во судницата беа презентирани сведоштва кои покажуваат дека полициски службеници, следејќи ги инструкциите на обвинетиот Велибор Манев, патувале на релација Скопје-Велес за да го пронајдат местото каде се наоѓало телото на Панче Жежовски.
„Кога стигнавме на локацијата позната како „Кула“, продолживме пеш бидејќи патот беше тешко прооден. Велибор Манев ни покажа на една точка каде што имаше дупка покриена со гранки. За време на патувањето тој речиси не зборуваше,“ изјави сведокот.
Изјава на одбраната на Александар Ѓорчевски
Владимир Туфегџиќ, адвокатот кој го застапува Александар Ѓорчевски, истакна дека новите докази ја потврдуваат нивната одбрана.
„Исказот на началникот од „Безбеден град“ целосно се согласува со нашите тврдења. Уште на 27 ноември е утврдена поврзаноста меѓу возилата, но мојот клиент за тоа дозна само неколку дена подоцна, преку информација која му беше пренесена од пријателска врска од Министерството за внатрешни работи,“ објасни Туфегџиќ.
Малолетната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември минатата година. Нивните безживотни тела беа пронајдени во близина на Скопје и Велес на трети декември.
Судијата Ивица Стефановски нареди транспортот на обвинетите да се изведува со четири одделни возила за да се спречат меѓусебни влијанија. Следното рочиште е закажано за 16 декември, кога ќе продолжат сведоштва и изведување на материјални докази.