Прв чекор кон сајбер заштита: закон за сајбер безбедност
Македонија повеќе нема да биде единствената земја во регионот без закон за сајбер безбедност. Министерството за дигитална трансформација формираше работна група за изработка на првиот закон за сајбер безбедност, кој ќе има за цел да обезбеди ефикасна заштита од интернет криминал.
Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, нацрт верзијата на законот ќе биде објавена кон крајот на јануари 2025 година, додека конечната верзија се очекува да биде поднесена во Собранието до крајот на февруари истата година.
„До јануари 2025 година ќе имаме нацрт на овој закон кој ќе биде споделен со јавноста, објавен на ЕНЕР, и отворен за јавна расправа. Во февруари законот ќе биде подготвен за поднесување во Собранието,“ изјави Андоновски.
Засилена превенција и мониторинг на системот
Новата регулатива ќе се фокусира на мониторингот и превенцијата на сајбер нападите како основен дел од стратегијата. Паралелно со законот, се развива и центарот за безбеден интернет, кој ќе биде значајна алатка за справување со сајбер криминалот и заштита на државните институции.
„Ова е глобален проблем кој бара итни мерки. На секои 11 секунди една институција во светот е подложна на сајбер напад. Важно е да имаме јасен протокол на однесување, како институции и граѓани ќе се справуваат со ваквите закани,“ додаде Андоновски.
Современ закон според стандардите на ЕУ
Министерството за дигитална трансформација најави дека законот ќе биде усогласен со барањата на Европската Унија, овозможувајќи модернизација на дигиталните услуги и зголемена заштита на граѓаните и институциите.
„Законот ќе биде значаен чекор напред во подобрување на дигиталната инфраструктура и приспособување на современите трендови. Целта е да се обезбеди безбедност за сите корисници,“ изјавија од министерството.
Подигнување на свеста за сајбер закани
Министерот Андоновски посочи на потребата од редовна едукација за граѓаните и институциите во однос на ризиците од сајбер нападите. Тој нагласи дека фалсификувани пораки, како оние што пристигнуваат од „Фејсбук“, „Гугл“ и „Мета“, се вообичаена практика, но дека институциите, како Фондот за здравство, веќе преземаат мерки за информирање и заштита на граѓаните.
„Лажни пораки ќе продолжат да се појавуваат и во иднина, но важно е да имаме јасен одговор како да се справиме со овие закани и да ги минимизираме ризиците,“ изјави министерот.