Јавното сообраќајно претпријатие денеска ќе добие шест нови еколошки автобуси, донација од Европската унија. Возилата се донираат во рамките на програмата ЕУ за чист воздух финансиран од Унијата, а со неа ќе бидат опфатени и Битола, Куманово и Тетово. Автобусите работат на компримиран природен гас и го исполнуваат стандардот Eур-6.
Ова претставува значаен чекор во подигнување на свеста за јаглеродниот отпечаток и обезбедување одржлива урбана мобилност. Засилениот возен парк на ЈСП е исто така во согласност со зелениот договор на ЕУ и стандардите за квалитет на воздухот низ Европската унија, кои имаат за цел да го сведат загадувањето на нула до 2050-та година и да помогнат во спречување на предвремени смртни случаи поради загадениот воздух.
Секој автобус е со капацитет од 98 патници (69 стоење + 29 седишта), вклучувајќи и за лицата со попреченост, со што дополнително се подобрува нивниот пристап до основните услуги и се обезбедуваат можности за пристапен јавен превоз и безбедна урбана мобилност. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, најави нови 100 до 120 електрични автобуси кои ќе сообраќаат во јавниот градски превоз.