Во Албанија, албанската полиција во соработка со Европол и други меѓународни агенции за спроведување на законот разби голема криминална шема од меѓународен обем. Во акцијата беа уапсени високи функционери, поранешни судии, адвокат и двајца новинари, при што за дел од нив е изречена мерка затворски притвор.

Приведени високи личности и правни преставници во Албанија

Меѓу уапсените се Пајтиме Фетаху и Зихни Шаху, поранешни судии во Елбасан, како и началникот на Полицискиот комесаријат во Тирана. За 18 лица, вклучително и високи функционери од државната полиција, е определен затворски притвор, додека адвокатот добил домашен притвор, а новинарите Артан Хоџа и Елтон Ќино имаат обврска за редовно јавување.

Специјалниот суд на Албанија донесе вкупно 21 мерка за безбедност во рамките на истрагата за организиран криминал, кој има меѓународен обем.

Акцијата на Специјалното обвинителство и Европол

Акцијата е предводена од Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК). Поради чувствителноста на истрагата, СПАК засега не објавува дополнителни информации.

Според албанските медиуми, истрагата опфаќа активности на криминална организација која вклучувала членови на правосудството, високи полициски функционери и новинари, кои имале улога во поддршка на криминалните активности.

Новинарите Артан Хоџа и Елтон Ќино, при излегувањето од судот, изјавија дека полицијата извршила претреси во нивните домови, ги распрашувала неколку часа и им ги одзела телефоните.

Борба против организираниот криминал 

Акцијата е значаен чекор за Албанија во борбата против организираниот криминал и корупцијата, што претставува клучен приоритет за земјата на патот кон Европската унија. Оваа операција ја потенцира важноста на меѓународната соработка за справување со криминални групи кои имаат транснационални активности.