Причина за турканиците е тоа што повеќето граѓани доаѓаат многу порано од закажаниот термин, со намера побрзо да завршат со вакцинација. Дел од нив се и самокритични.
– За редот надвор од вакциналниот пункт се одговорни самите граѓани. Им се укажува, ги знаат сите правилата, меѓутоа самите граѓани не ја почитуваат дистанцата- изјави Д-р Дијана Коцева-Миланова, одговорна за ковид вакцинација во Штип.
Доаѓаат и лица кои немаат добиено термин, а и самите знаат дека не можат да бидат вакцинирани.
– Самите си создаваат револт и нервози, но ние си одиме со закажаните во „Мој термин“- изјави Коцева-Миланова.
Внатре сликата е различна. За почитување на мерките за заштита се ангажирани редари и припадници на полицијата и армијата. Здравствените работници велат дека имаат капацитет да ги услужат сите што имаат закажан термин, но треба да се почитуваат правилата.
– Вчера од закажани 1200, на првата смена дојдоа 920, а на втората само 200. Сите сакаат да завршат работа порано и не се почитуваат термините. Дополнително, ќе дојде мажот си ја води сопругата, ќе дојде сопругата си го води сопругот со надеж дека ќе бидат вакцинирани, меѓутоа, апелираме дека вакцинацијата се врши исклучиво со закажување преку вакцинација.мк и да доаѓаат само тие кои имаат добиено термин-додаде Коцева- Миланова.
За денес е предвидено да се аплицираат 1000 ревакцини со кинеската „Синофарм“ и 300 први дози со „Фајзер“.