На 1 декември, новата Европска комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, официјално стапи на должност. Овој петгодишен мандат доаѓа во време на зголемени геополитички и внатрешни предизвици за Европската унија, вклучувајќи ја руската агресија во Украина, тензии на Блискиот Исток, економското ривалство со Кина и имиграцијата.
Фон дер Лајен ги истакна амбициите на Комисијата пред Европскиот парламент минатата недела, кога мандатот беше одобрен со 370 гласа за, 282 против и 36 воздржани. Таа повика на амбициозност, нагласувајќи дека „заканите со кои се соочува Европа се сериозни.“
Промени во лидерството на ЕУ
Каја Калас, поранешна премиерка на Естонија, ја презеде функцијата висок претставник за надворешна политика и безбедност. Антонио Кошта, поранешен премиер на Португалија, стана претседател на Советот на ЕУ, заменувајќи го Шарл Мишел.
Поддршка за Украина
Првиот работен ден, Кошта и Калас го искористија за посета на Киев, испраќајќи силна порака дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина во борбата против руската агресија и на патот кон членство.
-
Комесарката за проширување, Марта Кос, истакна: „Ќе направам сè што можам да ја донесам Украина до крајната цел во процесот на преговори“.
Планирано е да се отворат две поглавја во пристапните преговори со Украина до 2025 година.
Зголемени трошоци за одбрана
Руската инвазија на Украина во 2022 година ја принуди ЕУ да ги зголеми одбранбените трошоци, кои изминатите децении беа значително ниски.
-
Фон дер Лајен предупреди: „Нашите трошоци за одбрана мора да се зголемат“.
За првпат, ЕУ назначи комесар за одбрана – Литванецот Андриус Кубилиус, кој ќе подготви стратегија за европската одбрана во првите 100 дена од мандатот.
Економска конкурентност
ЕУ планира да го зајакне својот економски капацитет преку иницијативата „Компaс за конкурентност“, која ќе ги поддржи иновациите, декарбонизацијата и диверзификацијата на снабдувањето со суровини. Французинот Стефан Сежурне и Шпанката Тереза Рибера ќе работат на нова стратегија за индустријата и зелената транзиција.
Миграција и енергетска безбедност
Миграцијата останува на врвот на политичката агенда, особено по растот на екстремната десница во повеќе земји. Лидерството на ЕУ најави нов закон за зголемување на депортациите и сузбивање на нерегуларната миграција.
Во однос на енергетската безбедност, комесарот Дан Јоргенсен е задолжен за намалување на цените на енергија и зголемување на независноста од рускиот гас. Фокусот е ставен на развој на обновливи извори на енергија.
Нови перспективи за ЕУ
Новата Комисија ќе работи на зајакнување на економијата, безбедноста и иновациите. Урсула фон дер Лајен најави инвестиции од 500 милијарди евра во следната деценија, што е клучно за одржување на конкурентноста со Русија и Кина.