Активисти на ДУИ попладнево се собраа пред Уставниот суд во Скопје, под иницијативата „Стража на јазикот“. Според најавите од партијата, ова присуство ќе трае до 11 декември, кога е закажана седница за разгледување на уставноста на Законот за употреба на јазиците.
Обраќање на ДУИ
Арбер Адеми од ДУИ, пред присутните нагласи дека иницијативата има за цел да се заштити јазичната еднаквост како дел од Охридскиот договор.
-
„Собрани сме тука за да го кренеме нашиот глас за прашања кои ги засегаат темелите на еднаквоста на нашата мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту обичен повик. На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на законот за јазици, кој не е само правен акт туку е симбол на Охридскиот договор и во него е втемелена јазичната еднаквост“, рече Адеми.
Тој додаде дека законот за јазиците не е само правен документ, туку симбол на идентитетот и рамноправноста на граѓаните во општеството.
-
„Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ги заштитиме нашите права и да осигураме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување“, изјави тој.
Адеми ги повика граѓаните од сите етнички заедници да се приклучат на иницијативата.
Реакции од премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со иницијативата на ДУИ, изјави дека не очекува одлука од Уставниот суд на закажаната седница.
-
„В среда нема ништо да се случи, затоа што пред каква било акција на Уставниот суд претходат подготвителни седници“, рече Мицкоски.
Тој ги обвини ДУИ за обиди за поделба по етничка основа.
-
„Целта на ДУИ е поделба по етничка основа и такви обиди ќе има и во иднина. Демократската унија за интеграција се обидува да привлече внимание единствено преку етнички теми, бидејќи на друг начин не може да наметне релевантна тема“, додаде премиерот.