Владата соопшти дека македонската економија бележи раст на бруто домашниот производ (БДП) од 3 проценти во третиот квартал од 2024 година, што претставува значаен напредок после седумгодишен период на економска стагнација.
Според податоците на Државниот завод за статистика, растот е забележан во месеците јули, август и септември, поставувајќи ја Македонија на врвот меѓу земјите од регионот и Европа. Во ЕУ, само пет земји членки имаат повисоки стапки на раст за истиот период, додека некои држави, како Романија (-0,3%), Естонија, Австрија и Германија, бележат негативни резултати.
„Овие бројки покажуваат дека Владата работи посветено и одговорно, реализирајќи ги ветувањата дадени пред граѓаните,“ се вели во соопштението. Владата очекува сличен позитивен тренд и во четвртиот квартал, со цел годишниот раст да се доближи до 3 проценти, надминувајќи ги предвидувањата на Светската банка од 1,8 проценти.
Овој економски напредок, според Владата, е резултат на насочени активности, како зголемување на капиталните инвестиции и привлекување странски директни инвестиции. Целта, како што се наведува, е стимулирање на економскиот развој и обезбедување стабилна основа за понатамошен раст.