Објава на социјалните мрежи – Артан Груби ја напушта политиката поради семејството и личниот интегритет
Артан Груби, поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, објави дека се повлекува од политичкиот живот. Оваа одлука ја соопшти преку социјалните мрежи, каде што објасни дека го информирал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за својата намера.
-
„Оваа одлука беше тешка, но ја сметам за неопходна заради мирот во моето семејство и зачувувањето на мојот личен и политички интегритет. Со оваа постапка истовремено ја поддржувам континуираната работа и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети.“ – изјави Артан Груби во својата објава на Фејсбук.
Според Груби, одлуката била мотивирана од желбата да го заштити својот личен интегритет, но и да го поддржи лидерството на Али Ахмети во овој чувствителен период за партијата.
Посветеност на еднаквоста, НАТО и ЕУ интеграциите
Во обраќањето до јавноста, Артан Груби нагласи дека останува доследен на вредностите за кои се залагал во политиката, меѓу кои се еднаквоста на Албанците во Македонија, членството во НАТО и пристапувањето кон Европската Унија.
-
„Се ззалагав за еднаквоста на Албанците во Македонија, интеграцијата во НАТО, стратешкото партнерство со САД и членството во Европската Унија. Овие вредности не се само моја лична мотивација, туку и должност која отсекогаш сум ја чувствувал. Нашите заеднички достигнувања не се само резултат на мојата и на посветеноста на моите колеги, туку и на искрената поддршка од нашите пријатели од САД и Европската Унија.“ – напиша Артан Груби во својата објава.
Тој потсети дека членството на Северна Македонија во НАТО и отворањето на преговорите за ЕУ се резултат на заедничка работа со меѓународните партнери. Сепак, призна дека цената за оваа посветеност била висока и тежок товар за него и неговото семејство.
Црната листа на САД – Груби и судијата Беџети под обвинение за поткуп
Одлуката на Артан Груби за повлекување од политиката доаѓа само неколку дена по одлуката на Стејт департментот на САД, со која тој и Енвер Беџети, судија од Апелациониот суд, беа ставени на црната листа.
Според информациите на Стејт департментот, Груби и Беџети се обвинети за примање мито со цел да влијаат врз судски процеси, особено во случаи поврзани со кривичната пресуда на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Ставањето на црната листа значи дека на Груби и Беџети им се забранува влез во САД, а може да следат и други финансиски и правни санкции.
Обвинителството отвори предмет – Ќе се испитува евентуална кривична одговорност
Во меѓувреме, Јавното обвинителство на Македонија отвори предмет за Артан Груби и Енвер Беџети, со цел да се истражат обвинувањата за поткуп и трговија со влијание.
-
„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои лицата беа ставени на црната листа, ги искористив своите овластувања и веднаш оформив предмет со цел да обезбедиме докази и да ја испитаме можната кривична одговорност на засегнатите лица поврзани со наводите за поткуп и трговија со влијание.“ – изјави Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител, на брифингот со новинарите.
Обвинителството има намера да собере дополнителни докази кои ќе помогнат во утврдувањето на потенцијалната кривична одговорност на Груби и Беџети, откако САД објавија дека располагаат со сериозни докази за нивното учество во коруптивни активности.
Ахмети: Груби ќе ја докажува својата невиност со факти
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се огласи по повод случајот со Артан Груби, истакнувајќи дека партијата нема да ја оспорува одлуката на Стејт департментот, но потенцираше дека Груби ќе го води процесот со факти и има право на жалба.
- „Ние не ја оспоруваме одлуката на Стејт департментот, но Артан Груби ќе се брани со факти и ќе ја искористи можноста за жалба.“ – изјави Али Ахмети, лидер на ДУИ, коментирајќи ја состојбата по објавувањето на црната листа.