Силјановска за ЕУ интеграциите
Патот до Брисел може да се изоди полесно и побрзо, ако сите ние функционираме како еден добро синхронизиран извежбан и искусен оркестар, на чиј репертоар редовно ќе биде владеење на правото, со кој треба да настапиме на финалниот концерт во Брисел, нагласи претседателката на државата.
Балкан во ЕУ
Таа нагласи дека целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен, ефективно бришејќи ги границите меѓу балканските држави.
Претседателката подвлече дека Западниот Балкан не претставува никаков проблем за апсорпциониот капацитет на Унијата.
„На бројните средби со претставниците на ЕУ укажувам на неколку парадокси. Прво, Европската заедница со децении повикуваше на рушење на авторитарните системи, па сега има морална обврска за солидарност со нив/нас по падот на комунизмот. Второ, логиката на профит на западните економии бара поголем пазар и работна сила. Трето, стабилноста на европскиот континент зависи и од Истокот, вклучувајќи го и Западниот Балкан како геополитички ентитет. Четврто, лоциран помеѓу Европа и Блискиот Исток, како конгломерат на култури и религии, Балканот отсекогаш се перципирал како потенцијална конфликтна зона. Петто, Балканците секогаш се перципирале себеси како Европејци, па европската интеграција е недовршена без европскиот југоисточен дел,“ истакна Силјановска Давкова.