Таа истакна дека официјалните бројки говорат дека за периодот откако Зоран Заев е на власт бројот на иселени млади лица е многу зголемен.

– Ако ги погледнеме официјалните бројки кои ги вади Државниот завод за статистика и Еуростат, ќе забележиме дека периодот 2006-2016 година, просечно годишно од Македонија се иселувале некаде околу пет илјади млади лица. Периодот од 2017 до 2019 година од Република Македонија, просечно се иселуваат десет илјади млади лица, што покажува дека овој живот ни донесе дупло поголемо иселување на младите лица од Македонија, истакна Димитриеска Кочоска.

Таа истакна дека по однос на сиромаштијата, според податоците од последните години, под владеење на СДСМ, кои ги вади Еуростат и ДЗС ќе видиме дека стапката на сиромаштија воопшто не се намалува односно дека таа се зголемува, што не беше случај кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, кога имавме намалување на стапката на сиромаштија во државата.

– Ако ја погледнеме стапката на сиромаштија кај вработените, ќе видиме дека таа стапка место да се намалува, таа стагнира што јасно укажува дека овие, таканаречени нови вработени добиваат плата која што е многу мала и која ги влече во сиромаштија, при што одвај врзуваат крај со крај, потенцираше Димитриеска Кочоска.

Таа се осврна и на обврските на државните и јавните претпријатија кон приватниот сектор, која што беше од целите во таканаречениот „План за живот“ на СДСМ, за навремено сервисирање на обврските на државата кон приватниот сектор, при што додава дека, ако ги погледнеме податоците во буџетот, заклучно со месец април 2021 година и ги споредиме со 2020 година ќе видиме дека повратот на ДДВ-то е помал, што повеќе од јасно укажува дека не се прави поврат да ДДВ, односно парите не се враќаат навреме кај фирмите.

– Во однос на обврските на државата, односно јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ги имаат кон приватниот сектор, заклучно со месец март обврските кон приватниот сектор се 135 милиони евра, тој износ на крајот од годината заклучно декември 2020 година бил 120 милиони евра. Што значи дека само за три месеци дополнително имаме 15 милиони евра повеќе обврски кон приватниот сектор. А еден од главните должници се Електрани на Македонија, рече Димитриеска Кочоска која додаде дека ЕЛЕМ нема сервисирано околу шест милиони обврски кон приватниот сектор иако за време кога ВМРО-ДПМНЕ си одеше од власт и тогашниот директор, Христијан Мицкоски им оставиле нула обврски кон приватниот сектор.

Тоа значи, истакна Димитриеска Кочоска, дека Владата не ги сервисира редовно обврските кон приватниот сектор и ако тоа го правела во овој период на економска криза, стопанството полесно ќе ја пребродеше и загубите и последиците ќе беа помали.