– Тие се тука затоа што добро ги знам нивните квалитети. Јас како селектор морам да мислам и на македонската иднина. Тие што добија шанса покажаа дека можам да сметам на нив. Честитки за нивните првенци во репрезентативниот дрес, изјави Ангеловски на прес-конференцијата по мечот со Казахстан.
Запрашан за состојбата на Барди, Ангеловски уште еднаш изрази надеж дека Енис ќе добие негативен тест на коронавирус и дека ќе биде на располагање за мечот со Австрија на 13 јуни.
– Оптимист сум затоа што нема симптоми. Индивидуално работи со кондицискиот тренер. Имаше повеќе од успешна сезона. Неговата физичка подготовка можеби нема да биде идеална, но верувам дека 70-80 % ќе биде спремен до Австрија. Се молам само да добие негативен тест, за да биде со нас, рече Ангеловски.
Вечерашната средба со Казахстан беше втор подготвителен натпревар за „рисовите“ кои на 13 јуни во Букурешт против Австрија ќе го имаат премиерниот настап на Европското првенство. Први голови во дресот со националниот грб постигнаа Дарко Чурлинов и Милан Ристовски.