Наредбата на Бајден за санкциите предизвика реакции на домашната и на меѓународната политичка сцена, со толкување на упатените пораки преку оваа постапка.
Со Наредбата се предвидува санкционирање на кое било лице за кое Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е „одговорно или соучесник, директно или индиректно вклучено во активности или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста“ или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западниот Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот“.
– Станува збор за лица кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор, заклучоците на Совет за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги и одлуките или заклучоците на високиот претставник, Советот за спроведување на мирот или неговиот управен одбор, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот механизам за кривични трибунали, се неведува во наредбата.
Според документот, со казнените мерки би биле опфатени и лица кои се одговорни за „сериозни повреди на човековите права“ и вклучени во корупција во регионот, вклучително и проневера на јавни средства, отуѓување на приватен имот за лична корист или за политички цели и мито “.
Белата куќа соопшти дека таа регулатива овозможува и санкционирање на актерите вклучени во „прекршувања или активности што го попречуваат или загрозуваат спроведувањето на каков било договор за регионална безбедност, мир, соработка или заемно признавање, рамка или механизам поврзан со Западниот Балкан “.
На лицата кои исполнуваат еден или повеќе од овие критериуми им се забранува влез во САД, бидејќи тоа е во спротивност со американските интереси.
– Забраните од оваа Наредба вклучуваат давање на какви било донации или обезбедување средства, добра или услуги од, за или во корист на кое било лице чиј имот и интереси се блокирани според оваа наредба и прием на каков било донации или обезбедување средства, стоки или услуги од кое било такво лице, стои во Наредбата.
Од Европската унија, пак, не ја коментираа одлуката на Бајден и истакнаа дека не планираат слични санкции.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Петер Стано, портпарол за надворешна политика во Европската комисија, одговори дека Брисел не ги коментира одлуките на САД и истакна дека ЕУ има сопствени ангажмани на Западен Балкан, како последната „силна дискусија“ во Советот за надворешни работи на ЕУ и одлуката редовно да се одржуваат неформални вечери со лидерите на земјите од регионот.
– Нашиот ангажман е силен, но можни санкции не се на дневен ред, она што треба да се каже е дека секоја одлука на режимот на санкции е прашање на едногласност помеѓу земјите членки на ЕУ и доколку земјите членки се усогласат за режим на санкции ќе се процесуира, но темата не е на дневен ред, изјави Стано.
Весела Чернева, заменик директор на влијателниот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи, во интервју за Медиапул наведе дека санкциите на Вашингтон според глобалниот закон „Магнитски“ се директно предупредување од американскиот претседател Џо Бајден до алчните и несовесни лидери на Балканот дека корупцијата е клучно прашање што треба да се реши.
Објавата на Бајден во врска со земјите од Западен Балкан, коментира Чернева, е многу поопшта, не содржи специфични имиња и компании – но предупредува таа, веројатно ќе ја замагли алчноста и невниманието на некои балкански лидери.
Пред неколку недели, потсетува Чернева, бевме сведоци на воведување санкции против поранешниот албански премиер Сали Бериша. Во регионот на Балканот има многу водачи со сомнителна репутација, а на многу места корупцијата е сврзно ткиво на владата, наведе Чернева.
Од Владата ја оценија наредбата на Бајден како порака за сите што ги блокираат процесите, но и охрабрување и мотивација.
– Борбата против криминалот и корупцијата навистина ги уништува демократските општества и затоа кога САД, најсовршената демократија пример за сите, ја испраќа оваа чиста порака за нас е сериозна порака на охрабрување. И покрај охрабрување е и дополнителна мотивација дека сме на вистинскиот пат, дека тоа е патот по кој целиот деморатски свет очекува да се развива иднината за сите земји, па така и за нашата демократска земја, нашата република, изјави вчера премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање.
Според Заев, пораката е најголема потврда за вредностите за кои се залага оваа Влада.
– Не е само градењето пријателство, постигнувањето мир и стабилност во регионот, преку дијалог и дипломатија, постигнувајќи ги сите овие договори кои што ги постигнавме прво внатрешно различно етнички сите поставени, па со Бугарија, Грција итн., туку и порано како Охридскиот рамковен договор, рече Заев.
И во едни такви околности, дополни, навистина е испратена порака за еден куп негатори, поткупувачи, блокатори и сл. во државата дека ова е пресериозна работа за некој да може да си прави политиканство на нездрави основи. Дефинитивно, наведе, имаме ветер во грб сите што веруваме во демократијата, во слободите и во отстранувањето на девијантните појави во општеството.
Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски, пак, оцени дека наредбата од Бајден е порака за сите што ги блокираат или сакаат да ги блокираат процесите во државата.
– Се уште во детали го немаме видено овој документ, меѓутоа, може да потенцирам дека граѓаните на Република Северна Македонија цврсто се одлучија да застанат и зад Охридскиот и зад Преспанскиот договор и тоа се темелите на овој нов пат, на ова модерно општество трансформирано по европски терк со стабилни меѓуетнички односи, ориентирано кон напредок, развој, интеграции. Мислам дека ова е порака за сите оние коишто ги блокираат или сакаат да ги блокираат и кочат сите процеси во државата, Наредбата е одлука на нашиот стратешки партнер САД која целосно ќе ја почитуваме, рече Николовски во одговор на прашање.
Најавите за санкции ги коментираа и од ВМРО-ДПМНЕ, а реакции упатија и Левица и Алијанса за Албанците.
– ВМРО-ДПМНЕ пред се ја признава волјата на граѓаните, тоа што народот неколкупати го има кажано и ние ќе дејствуваме во насока на тоа што е стратешки интерес на македонските граѓани и тука ние ќе го насочиме нашето дејствување како што кажав согалсно народната волја веќе определена на референдум кој се одржа во 2018 година, рече во одговор на новинарско прашање Тимчо Муцунски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Алијансата за Албанците, Охридскиот и Преспанскиот договор за нив се неспорни, а примарна цел на оваа наредба се санкциите против поединци кои се одговорни за корупција.
– Го поздравуваме извршниот налог на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, кој им дава големи овластувања на Министерството за финансии во консултација со државниот секретар. Оваа наредба на одделот одобрува воведување санкции за лица одговорни за корупција во регионот, кои се вклучени во злоупотреба на јавни средства, злоупотреба на приватен имот за лична или политичка корист или вмешани во мито. Алијансата за Албанците од основањето е сериозно заинтересирана за расчистување на политичката сцена од такви елементи кои стануваат пречка за развојот на РСМ во сите димензии, како и на патот на интеграцијата во Европската унија, стои во реакцијата од АА.