Со мнозинството гласови на неговата Либерално-демократска партија (ЛДП) и помалиот коалициски партнер Комеито, Долниот дом на парламентот гласаше против предлогот за изгласување недоверба, поднесен од опозицијата.
Опозицијата веќе подолго време го критикуваше Суга за начинот на кој управува со пандемијата, а исто така му забележуваше и за неговото упорно инсистирање за одржување на Олимписките игри. Опозицискиот табор сакаше да продолжи со дискусиите за овие прашања, но владата го одби барањето за продолжување на собраниската седница како непотребно.
Олимписките игри треба да почнат за повеќе од еден месец, а Токио е под вонредна состојба поради пандемијата. Сите анкети покажуваат дека повеќето Јапонци сметаат дека Олимпијадата треба повторно да се одложи или целосно да се откаже.
Мандатот на Суга како лидер на партијата и премиер завршува на 30-ти септември и тој, најдоцна до 21 октомври, треба да свика избори за Долниот дом на парламентот.
Аналитичарите веруваат дека Суга најверојатно ќе почека до завршувањето на Олимписките игри во Токио за да ги распише изборите.