Ова го изјави претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски на свечената церемонија во касарната Илинден организирана по повод враќањето на последниот наш мировен контингент од Авганистан, на која се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а присуствуваа и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД Кејт Брнз и на Турција Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на Воено – дипломатскиот кор.
–Сега и вие и вашите најблиски можете да воздивнете со големо олеснување бидејќи ни се вративте дома живи и здрави. Вие бевте таму во служба на својата земја, но и во служба на народот на Авганистан кој треба да ги ужива истите права што ги имаат и другите народи во светот. Затоа сакам во свое лично име, но верувам и во име на сите наши граѓани да ви искажам огромна благодарност, рече Пендаровски.
Шефот на држвата се осврна и на тежината на носењето политички одлуки за учество во мировни мисии.
–Политичката одлука за испраќање на наши војници во странство е секогаш една од најтешките дилеми пред која можат да бидат исправени политичарите, но денес од оваа перспектива убеден сум дека тогаш беше донесена вистинската одлука. Политичарите често не се согласуваат за многу теми, но кога стануваше збор за упатување на нашите луѓе во мировни мисии, Парламентот одлуките секогаш ги носеше едногласно. Почнавме скромно со испраќање на два штабни официри во меѓународните сили за помош, продолживме со испраќање на поголеми контингенти, учествувавме во заедничките состави со мировници од Турција и Обединетото Кралство, испративме контингент во состав на Националната гарда на Вермонт од САД, имавме медицински тимови во состав на Грчката, Чешката и Норвешката полска болница и заедно со земјите од Јадранската повелба. По завршувањето на ИАФ во 2014 продолживме со учество во новата мисија на НАТО „Решителна поддршка“ во која нашите војници и старешини работа заедно со силите на САД, Турција, Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка, како и во А5 форматот. Во двете мисии нашата Армија учествуваше со над 3.300 луѓе од кои 190 беа припаднички на женскиот пол, подвлече Пендаровски.
Во однос на контингентите, посочи, можеби се чинат мали во однос на вкупната бројка на ангажирани сили кои во некои периоди во Авганистан изнесуваа и над 150 илјади, но, вели, се големи во релативна смисла имајќи предвид дека еден период Северна Македонија беше четврта според големината на придонесот во однос на бројот на нејзиното население. Бројката на припадници, посочи, изнесува скоро половина од вкупната бројка на нашата Армија, а е многу позначајна ако се земе предвид и нејзината структура која секогаш го одразуваше етничкиот состав на нашето население и дека нашите војници заедно со нашите партнери споделуваа исти вредности на слобода и демократија.
-Почитувани мировници, вие со вашата професионалност и посветеност на најдобар начин ја претставувавте својата земја. Ако како држава веруваме дека сите луѓе се родени слободни и еднакви не можеме да бидеме дојстојни на нашите зборови и верувања ако не ги браниме тие вредности каде било во светот каде што има потреба. Оваа мировна мисија потврди дека нашите војници можат да служат успешно во рамките на која било мировна мисија, дека се обучени на највисоко професионално ниво и во согласност со највисоките стандарди на НАТО. Се разбира, оваа мисија немаше да биде можна без поддршка од нашите тогашни партнери, сега сојузници САД, Обединетото Кралство, Турција, Чешка, Грција, Норвешка и Германија, рече претседателот Пендаровски и упати благодарност и до нив.
Искажа уверување дека искуството стекнато за време на нивниот ангажман во оваа мисија направи од нашите мировници не само подобри војници, туку и подобри луѓе и им посака и во иднина да продолжите да ја претставувате својата татковина, својот народ и достоинството на нашата Армија во најдобро можно светло каде и да се.
Околу 3.000 припадници на Армијата на Република Северна Македонијаучествуваа во мисиите на НАТО – „ИСАФ’’ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Во периодот од 2002 до 2015 година, беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи, а од 2015 година, даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници.
С. Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.