Во гостување на ТВ 24 таа денеска посочи дека постои напредок во работата на судството и оти гледа позитивни промени во Судскиот совет, а очекува тоа да се развива се повеќе. Очекува да се избираат само квалитетни судии.
– За мене е навреда да ми се јави политичар и да ми каже како да одлучам. Тоа значи дека не ме почитува како личност, и не верува во моите квалитети како судија. Пред мене се доказите, пред мене е предметот, пред мене се странките во судницата. Јас сум таа што го знам предметот. Ние мора многу совесно да работиме, ако одлучуваме за согласност за законите на уставот, ги штитиме човековите права и слободи, одлучуваме дури и за одговорност на претседателот на државата, појасни таа.
Во однос на прашањето како се донесуваат одлуките со оглед на што Собранието доцни со изборот на тројца нови судии, и во моментов се само шест судии, претседателката на Уставниот суд посочи дека доколку секоја одлука што ќе ја донесат е со потребното мнозинство, тогаш има легитимитет.
– Секоја одлука што ние ќе ја донесеме ако го има потребното мнозинство, има легитимитет, затоа што одлуките можеме и со пет гласа да ги донесеме и многу често тоа се случува. Многу одлуки се донесени со пет гласа, легитимет имаат, и никој не може да оспори таква одлука, но проблемот е во нешто друго, друго е кога девет судии дискутираме за еден предмет, рече Кацарска.
Според неа, одлуката има поголема тежина кога мислење искажуваат девет судии, наместо шест. Освен тоа, како што дополни, може токму еден од тие тројца нови судии со своето размислување и ставови останатите судии да ги убеди дека неговото размислување е подобро, и можеби и одлуката би била поинаква.
Прашана за предметите поврзани со Орце Камчев, Кацарска посочи дека досега не водела апсолутно ниту еден предмет за него.
– Апсолутно ниту еден предмет за Орце Камчев јас не сум водела. Ако случајно ми беше доделен предмет јас да да работам, ќе побарав веднаш изземање. Во предметот „Рекет“ требаше да бидам член на Советот за оценка на обвинителниот акт. Кога со колегите видовме дека Орце е сведок иако нема пречка посебно во оценка за сведок, јас сепак веднаш побарав изземање. Претседсателот на Судот, Иван Џолев го уважи моето барање, посочи Кацарска.
Таа додаде дека и во однос на Меѓународен сојуз, предметот за оценка и бил доделен на неа. Но сепак, како што рече, се работеше за оценка, а не за судење.
– Кога го проучував предметот видов дека повторно Орце е сведок и во овој предмет. Побарав изземање повторно, не ми беше удоволено моето барање, беше одбиено, и јас како претседател на Совет одлучував за Меѓународен сојуз во постапката за оценка на обвинителниот акт. Но сепак се работеше за оценка а не за судење, рече претседателката на Уставниот суд.
Во однос на случајот 27 април, Кацарска посочи дека била претседател на Советот за тој предмет и според неа, нема апсолутно никаков сомнеж во Советот ниту пак треба да има сомнеж кај граѓаните дека дејствијата што се преземени од страна на веќе осудените, одговараа на тоа кривично дело.
– Дејствијата се терористички, тука се работи за нивните преземени дејствија кривично дело тероризам е друго дело во друга глава. Учесниците во тој настан осудените, спречија избор на претседател на Собранието. Од друга страна, сите ние тоа го гледавме. Не верувам дека не постоеше граѓанин што не беше исплашен за се она што може да се случи, а можеше и повеќе да се случи, рече Кацарска.
Според претседателката на Уставниот суд, чудно е што токму сега се појавија протести за овој случај, а целта на протестите, како што рече, е да се помогне на обвинетите во вториот предмет.
– Тоа што сега се појавија протести за тој предмет е чудно. Кога го судев предметот немаше протести. Јавно беше објавена пресудата, немаше протести. Зошто токму сега? Зарем тоа не значи дека на овој начин се врши притисок не само врз Врховниот суд, туку сметам дека се врши притисок на Советот кој постапува по вториот предмет за 27 април, бидејќи таа постапка е во завршна фаза. Целта на овие протести е да се помогне на обвинетите во вториот предмет, појасни Кацарска.
Таа додаде и дека во Уставниот суд е пристигната опомена да се постават табли согласно Законот за примена на јазиците. Но. како што рече, законодавниот дом ги носи законите, а граѓаните се должни да ги почитуваат законите.
– Следат и казни, зарем треба да платам 5.000 евра. Не се работи само за парите, но би се чувствувала срамно. Не сум казнета ниту прекршочно, а возам од 18 години. Опомена во Уставниот суд е стигната, затоа што не се променети таблите. Во Уставниот суд нема систем за електронско евидентирање на вработените, што е законска обврска. Набавката е во тек на овој систем. Се што е пропуштено, јас ќе го направам, без разлика дали мојот рејтинг со тоа ќе се намали или зголеми, додаде Кацарска.