-Слушнав и прочитав секакви работи за мене – предлози, лаги, секакви глупости. Ние не правевме само ТВ-емисии, реализиравме многу каузи. Сѐ е пред вас. Ме чуди што сè уште има луѓе кои не разбираат што правиме. Ние го правиме она што моралот и законот ни велат да го правиме, изјави Трифонов во видео обраќање.
Според него сегашниот систем репродуцира неморални луѓе, а единствениот начин да се променат работите е одвнатре, но со закон.
Системот продуцира неморални луѓе во раководството на државата и тоа се гледа, истакна претседателот на „Има таков народ“ во своето прво обраќање во јавноста по вчерашните предвремени парламентарни избори, втори за оваа година. Тој кажа дека неговата партија нема да прави коалиција со никого, бидејќи според него самиот збор „коалиција“ веќе имал лоша перцепција во јавноста.
Трифонов го прочита целиот состав на неговиот владин кабинет, во кој нема улога за него лично. Во Собранието нема да бара поддршка од останатите партии, туку останува на нивна волја дали ќе го поддржат или пак не, додавајќи дека очекува во скоро време претседателот на државата Румен Радев да му го врачи мандатот.
Поддршката за „Има таков народ“ е неверојатна. Навистина ја цениме вашата доверба и уште на претходните избори сфативме дека не поддржувате за да се водиме од законот и моралот и очекувате тоа да го реализираме и на политички план. Односно, да поставиме образовани луѓе на клучните позиции, кои знаат јазици, кои завршиле престижни универзитети…„Има таков народ“ нема да прави коалиција со ГЕРБ, ДПС и БСП, а со партиите на протестот не би имале мнозинство. Ние ќе се обидеме сами да ссотавиме Влада, ќе го земеме мандатот и ќе предложиме состав на Влада пред Собранието, кое ќе биде составено од експерти. „Има таков народ“ предложи да влезат и тројца министри од техничкиот кабинет, но тие откажаа, соопшти Трифонов, кој ја објави и листата на кандидати за министри:
Марија Бојчинова – министерка за финансии
Љубомир Дачев – министер за економија
Наталија Митева – министерка за образование
Красимир Ненов – министер на енергетика
Велислава Петрова – министерка за здравство
Михаела Лашова – министерка за регионален развој
Христо Алексиев – министер за транспорт
Ивајло Кожухаров – министер за туризам
Пламен Абровски – министер за земјоделие
Теодора Генчовска – министерка за одбрана
Лилија Иванова – министерка за труд
Станислава Армутлиева – министерка за култура
Петар Илиев – министер за правда
Радостин Василев – министер за спорт
Антонија Валентинова – министерка без ресор, задолжена за ромските прашања
Ради Најденов – министер за надворешни работи и вицепремиер
Николај Радулов – министер за внатрешни работи и вицепремиер
Николај Василев – претседател на Владата
На крајот од обраќањето, Трифонов кажа дека први приоритети на новата Влада ќе бидат изградба на детски градинки, изградба на нова детска болница, купување на медицински хеликоптери, концесионирање на автопатиштата, набавка на лаптопи и таблети за сите ученици, приватизирање на Банката за развој, транспарентност при јавните набавки, искоренување на практиката да се плаќаат аванси на изведувачи и подизведувачи и други.
-Исто така, ќе иницираме и преку НАСА, двајца бугарски астронаути, маж и жена да заминат во вселената, а ќе земеме со нас и еден северномакедонски астронаут. Треба да престане да гледаме кон Земјата, туку да почнеме да гледаме нагоре, заклучи Трифонов.