Министерот за здравство вчера преку објава на својот Фејсбук-профил информира дека рекорден број на дози вакцини се аплицирани во еден ден. Тој посочува дека за 24 часа една доза примиле речиси еден отсто од населението.
– Желбата на граѓаните за вакцинација многу охрабрува. За да му се вратиме на секојдневието кое сите го посакуваме треба колективен имунитет, а тоа значи што поголем број од населението да се вакцинира. Ве повикувам сите кои се уште се двоумите вакцините се безбедни и ефикасни и спречуваат тешка форма на болеста. Вакцинирај се без закажан термин, напиша Филипче.
Според последниот извештај од Министерството за здравство, вакцина досега примиле 800.168 граѓани, а ревакцинирани се 318.900 граѓани. Со последните бројки, како што соопшти Министерството, барем една доза вакцина имаат примено 62 отсто од населението над 70 години, 59 отсто од оние над 65 години, 54 отсто од граѓаните над 60 години и 44 отсто од лицата над 50 години.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.
Од Министерство информираат дека процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Во државата продолжува и теренската вакцинација, денеска во 10 населени места. Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата ќе се одвива на следните места: Тетово – Речица, Г. Речица, М.Речица, Калник, Чифлик; Струга – Д.Белица, Враништа; Битола – Ѓавато, Маловиште; Берово – Смојмирово.