Во општина Берово сè уште е активен пожарот на потегот Будинарци-Митрашинци каде што гори борова шума. Екипите што беа на терен се повлекуваат за во раните утрински часови повторно да излезат на терен. Ќе останаат набљудувачи што ќе ја следаат состојбата, а доколку има потреба да се мобилизираат останатите екипи. Загрозени села од пожарот во моменот нема.
Според известувањето од ТППЕ Штип, во 12:00 часот добиле дојава за пожар кој избувнал во атарот на с. Драгоево и с.Селце во општина Штип, каде што гори сува трева, смрека и нискостеблеста шума. Пожарот е сè уште активен, велат од ЦУК, а со гаснењето ќе се продолжи во текот на денешниот ден.
Во Скопскиот Регион, пожарот кај Раовиќ– Буковиќ се движи кон сртот, нема опасност за селата, гори мешана шума и е на доста непристапен терен. На место на пожарот е отидена екипа од БППЗ на Град Скопје. Остварен е контакт со одговорно лице од Ловиштето- Јасен кој пренел дека пожарот е до сртот, тие на лице место имаат 8 луѓе кои прават напор да се задржи огнот. Гори мешана шума, смрека, висока трева, и доколку го смени правецот луѓето ќе бидат во опасност, напоменуваат надлежните.
Во врска со пожарот кај Катланово, односно Дивље и Крушје, поради интевенција од воздух, гасењето од земја било оневозможено. БППЗ на терен се со 1 возило и 5 пожарникари, а екипата од ШС Караџица целосно е повлечена.
Во текот на вчерашниот ден повторно е реактивиран пожарот кај с.Топлица, општина Прилеп, покрај магистралниот пат Прилеп-Градско. Според последните информации реактивираниот пожар се движи кон атарот на село Крстец. Гори дабова и букова шума и сува трева. На локацијата на пожарот делувано е и од воздух (1 налет на канадер), но пожарот е сè уште активен. Утрово во гаснењето на пожарот интервенираат 3 пожарникари со 1 Пп возило и 5 вработени од ЈП ,,Црн бор“-Прилеп.
Од ноќеска повторно е активен пожарот во атарот во с. Дренк ( на тромеѓа помеѓу с.Дренк -Жељубино- Аљинце). Екипата на ТППЕ со 1 теренско возило и 5 пожарникари интервенира од 20:30 часот со специјални ранци, во интервенцијата учествуваат и 2 мештани. Екипата е сè уште на терен и работат на негово гаснење.