Ова го изјави претседателот на Бугарија Румен Радев за време на експертската дискусија за состојбата и перспективите за развој на односите меѓу Бугарија и Република Македонија, што се одржа денеска на негова иницијатива.
На дискусијата присуствувале и потпретседателот Илиана Јотова, како и бугарски научници, експерти, дипломати и новинари.
Учесниците на дискусијата, како што информира дописникот на МИА од Бугарија, истакнале дека европската интеграција на сите земји од Западен Балкан е од стратешки интерес за Софија и дека тоа ќе придонесе за зајакнување на демократските процеси и унапредување на добрососедските односи и економскиот раст во целиот регион.
– За решавање на прашањата во билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е потребна политичка волја, активен институционален дијалог и постигнување неповратност во градењето добрососедски односи, рече Радев.
Според бугарскиот претседател, трајното надминување на натрупаните противречности нема да се постигне само со политички декларации и затоа е неопходна комуникација и посветеност на институциите на сите нивоа, како и разум од двете страни.
Бугарија очекува нејзиниот југозападен сосед да работи на создавање на сите потребни услови за слободна економска, културна, медиумска и информациска размена од двете страни на заедничката граница.
Според експертите кои учествувале на дискусијата, од клучно значење за развојот на билатералните односи е ставањето крај на дискриминацијата против граѓаните во Република Македонија, кои отворено го изразуваат својот бугарски национален идентитет.
Според учесниците во дискусијата, занемарувањето на низа аспекти од билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка од страна на Република Македонија ги става под прашање изразените желби за градење добрососедски односи со Бугарија. Затоа, Бугарија треба да инсистира на гаранции во врска со почитувањето на правата на Бугарите во Република Македонија, кои треба да бидат законски регулирани и спроведени во пракса, а постигнувањето на одржливи и неповратни резултати во оваа насока да стане предуслов за напредок во процесот на европска интеграција.