Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, на гостување во телевизија Канал 5 изјави дека разликата меѓу овој пик на вирусот со претходните бранови е во тоа што сега е присутен британската мутација на вирусот која се шири за 50 до 70 проценти побрзо и има поголем број на хоспитализации.
– Кај нас со сигурност ги имаме чешкиот и британскиот сој. Овој британски сој во 24 до 48 часа се развива клиничка слика која е навидум лесна, меѓутоа воспаление на бели дробови и тешка компликација се прави за нецели три дена. Ако некогаш велевме дека инкубацијата трае до 14 дена, сега е три до пет дена. Клиничката слика може да се појави нагло, во мал временски период со навидум лесни симптоми и со многу потешка компликација прво на белите дробови, но имаме мултисистемско зафаќање од глава, срце, црн дроб, бубрези до оштетување на крвните садови. Значи мултисистемско зафаќање од „чудовиште“, изјави Караџовски.
Тој оцени дека има широка трансмисија на вирусот.
Како што образложи Караџовски, во моментов најдоминантен е вирусот кај категоријата на граѓани од 30 до 39 години.
Младите од 30 до 39 години се доминантна група каде се шири вирусот бидејќи тие излегуваат од дома, се дружат, не ги почитуваат некаде мерките, и проблемот е во тоа што повеќето стануваат позитивни и вирусот го носат дома, додаде Караџовски.
Тој посочи дека се намалува бројот на хоспитализации од 40 до 50 години, но се зголемува бројот на хоспитализации од 30 до 39 и над 60 години.