Во ситуација кога ИТН, со своите 65 пратеници, веќе се смета за опозиција, кога со ГЕРБ, никој не сака „да игра“, тогаш останатите партии, пред се, заради нивните теснопартиски интереси, немаат големи шанси сами да направат влада.
ИТН, според нејзиниот лидер, шоуменот Слави Трифонов, веќе е опозиција, затоа што не успеа да ги убеди наводно блиските протестни партии „Демократска Бугарија“ и „Исправи се Бугаријо! Ние доаѓаме“, како и третопласираните бугарски социјалисти,( кои не им се омилени) за формирање заедничка, па, макар тоа била и малцинска влада. ГЕРБ на Бојко Борисов, од друга страна, како што и најави, вчера го доби мандатот од претседателот Румен Радев и веднаш го врати. Мандатот како и минатиот пат го прими потпретседателот Даниел Митов,кој враќајќи го на бугарските избирачи им остави сами да ја увидат разликата во понудата меѓу нив и останатите.
Сега на ред повторно е претседателот Радев, кој треба да одлучи дали третиот мандат ќе и го понуди на лидерката на БСП, Корнелија Нинова, или како и минатиот пат, ќе излезе со свој предлог за техничка, експертска или службена влада, сеедно, но која задолжително мора да биде со краток рок. До следните избори. А тие најверојатно ќе бидат уште есенва, и многу веројатно заедно со претседателските избори.
Нинова претходно најави дека ќе се обиде да формира влада и по добивањето на третиот мандат ќе ги почне консултациите со „Демократска Бугарија“ и „Исправи се Бугаријо! Ние доаѓаме“, бидејќи со трите партии имаат заеднички основа на која може да ги дефинираат приоритетите и политиките на новата власт. Но, таа вели и дека БСП не се откажала од идејата техничкиот владин кабинет да стане редовна влада
Проблемот кај потенцијалните владини партнери се корупцијата во земјата, за што на минатогодишните протести најмногу беше обвинувана власта на Борисов, како и реформите во правосудниот систем, за кои сите начелно се залагаат, но имаат разлики околу редоследот на потезите. Камен на сопнување во оваа жешка тема најмногу им е Главниот обвинител Иван Гешев, за кого бараат начин како да го сменат,за бруталноста на полициската реакција за време на протестите, за што бараат одговорност, а не знаат како да ја добијат….. Втората поголема разлика е ребалансот за буџетот и приоритетите за трошењето на парите – заздравување на економијата, бегалски бранови, ковид-19…. Во меѓувреме , се чини, најголемите меѓусебни проблеми и недоверба си ја вметнаа со утврдување на двојното државјанство на актуелниот технички министер Петков. А се погласни се и обвинувањата, особено од досегашните властодршци, дека претседателот Радев со потезите што ги влече, дополнително ја дели Бугарија, политички и партиски, што многу тешко може да доведе до некакво обединување и изградба на општо прифатлиф став.
Ваквата слика на актуелната политичка слика на Бугарија, некако најилустративно ја нацрта Слави Трифонов, со ставот – „бидејќи сум нов во политиката, очигледно не ги разбирам работите како што ги разбираат искусните политичари. Искусните бугарски политичари. Очигледно некои работи, како што се конзистентност, одржување на зборот, искреност, компромис, гест, почит. Јавно овие работи се дел од нормалниот живот, но од политичкиот – не се! Таму, овие зборови добиваат сосема поинакво значење, звучат исто, но всушност го сугерираат токму спротивното. Да, јас не ги разбирам овие работи. И да бидам искрен – не сакам да ги разберам, ниту пак некогаш ќе го прифатам овој начин на однесување, во кој вие кажувате едно, а правите друго, во кое лагата е вистинска, компромисот е наведнување, а искреноста е некоја архаична глупост.
Што ќе одлучи претседателот Радев допрва ќе се види, можеби и з авреме на викендот, но аналитичарите предвидуваат дека исходот од евентуално новите избори може да биде сличен на претходните и да ја продлабочи и она веќе сериозната политичка криза во оваа најсиромашна земја-членка на ЕУ.