Пораките од Владата, како од портпаролот, така и од алтернативниот министер за здравство се дека одлуките и законот ќе се применат и тоа во целост и нема да има никакво пролонгирање.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот редовен брифинг со новинарите објасни дека „законот што предвидува суспензија за оние кои не примиле барем една доза, ќе се спроведе и законот ќе се примени во целост“ и додаде дека дури и да решат невакцинираните да се имунизираат по 1 септември, не е сигурно дека ќе се вратат на истите позиции.
Алтернативниот министер за здравство на Грција Василис Кондозаманис, вчера рече дека според податоците што секојдневно ги добиваат, сè повеќе здравствени работници се вакцинираат.
-Секој ден се зголемува бројот на вакцинирани здравствени работници. До среда, верувам дека ќе биде покриен еден многу голем дел. За персоналот во целост достигнува до речиси 85 отсто, но во секој случај не треба да го гледаме само вкупниот број, туку да видиме што се случува на ниво на секоја единица, за да можеме да направиме план, објасни Кондозаманис.