Дека во СДСМ постои проблем со демократијата кај раководството, која предизвикува незадоволство кај членството, многу пати досега порачаа многу видни партиски членови, а меѓу погласните е поранешната шефица на скопскиот огранок, Софија Куновска.
-Извршниот впрочем и секогаш до сега служеше да го овласти Заев да си носи сам одлуки. Сите приказни за внатрепартиска демократија и истражување на јавно мислење се гола реторика, ветер и магла. Просто е. Без демократски капацитет на партиите нема демократски капацитет ниту во владите, вели Куновска.
Најголема прашина во јавноста крена одлуката на СДСМ, да не го поддржи Максим Димитриевски за Куманово, иако има највисок рејтинг според анкетите. Место него за овој град ќе одат со Оливер Илиевски. За него во јавноста се појавија информации дека е братучед на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Откако му стана јасно дека нема да ја има поддршката од партијата, Димитриевски ја соопшти својата независна кандидатура, која го чинеше исклучување од СДСМ, на само неколку дена откако Заев порача дека независните кандидати се богатство за кое тие се бореле. Сега пак вели решиле да го исклучат бидејќи отишол против партијата која вложувала во него.
-Кога ќе одлучите дека треба да го напуштите СДСМ, тоа е опишано на неколку начини како тоа го правите. Еден од тие е токму тоа, истапувате од СДСМ и одите како независен кандидат. Максим Димитриевски се одлучи за тоа, тоа е негова одлука и Максим тргна против Максим. И дефинитивно, СДСМ само на првиот Централен одбор, треба да го констатира тоа што Максим Димитриевски го направи, односно тоа е исклучувањето од СДСМ, вели Заев.
Отворено незадоволство беше изразено и за кандидатурите во Битола, каде СДСМ оди со бизнисменот Христо Кондовски, кој според информациите бил бизнис партнер на Вице Заев. И дел од членството во Дебрца е незадоволно со изборот на Игор Крцоски.
Па решија да му дадат поддршка на актуелниот градоначалник Зоран Ногачески, кој како и Димитриевски, ќе оди како независен. Посебно изразено незадолство имаше во Радовиш, каде членови ги запалија членските книшки и знамето на партијата, откако поддршката не ја доби актуелниот градоначалник Герасим Конзулов.
Заев изрази разбирање за членовите од Радовиш, велејќи дека протест е можен и пред седиштето на СДСМ, но Конзулов имал многу низок рејтинг, па поради тоа предложиле друго име.
СДСМ реши на локалните избори да не го поддржи ниту досегашниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, па таму ќе оди со Горан Герасимовски. Инаку, Богдановиќ пред неколку месеци порача дека мора да се слушне гласот на поранешниот лидер на партијата, Бранко Црвенковски, кога тој побара одговорност од Заев и го замрзна членството во СДСМ.