Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:
Лозово е нашиот заеднички дом, ама не вакво какво што е денес. Какво е тоа Лозово во кое секојдневно младите заминуваат, а селата се празнат. Со населени места кои во 21 век немаат здрава и чиста вода за пиење, со пад на електричниот напон по секоја промена на временските услови. Села кои се се уште со септички јами, неисчистени улици и непроодни патишта во зимскиот период. Депонии на секој чекор. Се поголем број на граѓани и семејства кои живеат под прагот на сиромаштија или се наоѓаат во положба на социјален ризик. Земјоделци кои мака мачат да го продадат она што го произвеле и едвај врзуваат крај со крај. Нефункционални месни заедници, маргинална улога на младите, затворена и заробена Општина. Општина во која секојдневно административни службеници излегуваат во јавност и јавно бараат помош од институциите како би ја запреле голготата која секојдневно ја доживуваат од локалните шерифи.
За тоа јас и мојот тим преземаме голема обврска и сиот наш интегритет, интелектуален капацитет, секој атом од нашата сила и енергија ќе го вложиме во конечна победа на сите пречки што се исправиле на патот на прогресот на нашата општина.
Како градоначалник на општина Лозово пред граѓаните ќе понудам концепт на одговорно работење и ќе бидам подготвен да им излезам во пресрет за сите потреби и информации и помош во решавање на нивните проблеми. Ќе се залагам за зголемена ефективност и одговорност на локалните власти во нивното работење и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуки за прашања што за нив се од суштинско значење.
Токму за тоа наши основни приоритети ќе бидат:
Стоп за регионалната фабрика за уништување на мрши.
Градиме инфраструктура за сите населени места подеднакво.
Лозово да биде чиста животна средина.
Локален економски развој, повеќе пари кај граѓаните, еднакви можности за сите.
Општина на социјална сигурност, повеќе пари за социјални трансфери.
Квалитетно образование за сите.
Квалитетни и одржливи комунални услуги.
Младите во фокусот на локалните политики.
Транспарентна, отчетна, услужна, правична и отворена општина за сите граѓани.
Визијата, стратегијата и планираните активности треба да бидат реални и возможни за имплементација од страна на општината, а не само нејзини желби и соништа.
Цврсто верувам дека со мојот начин на работа ќе успеам проектите содржани во програмата да ги исполнам во целост и да постигнам видливи резултати.
За тоа ве повикувам сите заедно да ги започнеме промените и да означиме крај на омразата, на поделбите, и на нетрпеливоста, на политиката на локално шерифување на поединци.
Ако си еден од тие кои ги потценија, ако ти направија неправди, ако пробаат да те излажат, ако мислат дека може да те поседуваат тогаш секој од вас знаат што е одговорот. И знам дека ќе ја добиеме оваа битка, сите заедно рамо до рамо сложно овде во нашето заедничко Лозово ќе славиме нов почеток и промени за подобар живот за сите нас.