Според УХМР, во август 2021 времето беше екстремно многу топло и сушно на целата територија на државата. Беа регистрирани максимални температури од над 30 степени (тропски денови) во траење од 19 во Берово до 29 дена во Гевгелија (со исклучок на Маврово).
-Од почетокот на месецот бевме под влијание на топлотен бран, што се манифестираше со период од околу 15 дена невообичаено високи температури на воздухот (согласно 1961-1990 година). Средната месечна температура варираше од 17,7 степени во Лазарополе до 28,6 во Гевгелија. Споредено со многугодишните (1981-2010) августовски средномесечни температури, годинашните беа надпросечни на ниво на држава, информира Управата.
Највисоката максимална температура беше 44,1 степен измерена на втори август во Гевгелија. Средната максимална температура варираше од 26,4 во Маврово до 37,6 во Гевгелија и е надмината во споредба со периодот 1981/2010.
Најниската минимална температура од пет степени на 31-ви беше измерена во Берово. Средната минимална температура варираше од 10,4 во Берово до 20,5 во Гевгелија.
Во август 2021, месечната сума на врнежи варираше од 0,2 милиметра во Охрид до 41,4 милиметри во Крива Паланка, а биле од дожд и локална појава на град, пропратени со грмежи. Максималната дневна сума на врнежи од 20 милиметри беше регистрирана во Берово на 27-ми во месецот. Споредено со августовската многугодишна просечна вредност (1981-2010), измерената августовска (2021) месечна сума на врнежи беше 18 милиметри или 50 отсто помала од просечната на ниво на држава.
-Во август имаше денови со појава на нестабилна облачност и услови за појава на град. Управата за хидрометеоролошки работи, преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште во соработка со АЕРОКЛУБ Скопје во деновите 11, 17, 25, 28 и 29-ти август дејствуваше со авионско засејување врз градоносни облаци во земјава, претежно во регионите со поголема застапеност на земјоделски култури и превентивно во нивна непосредна близина. Употребени се 77 палки. Со тоа е спречена појавата на град и катастрофални последици, наведува УХМР.