Иако Белгија важи за една од најдобрите земји кога станува збор за вакцинирано население, кога ќе се погледне во детали паѓа во очи фактот дека големите градови во земјата, Брисел, Антверпен и Лиеж, не постигнуваат ниту 50 отсто вакцинација на возрасното население, јави дописничката на МИА од Брисел.
Поради ова, Брисел е повторно црвена зона, а локалните власти се подготвуваат да воведат сертификат за влез на настани, во кафулиња, молови итн.
Сепак, премиерот Де Кро вели дека задолжителната вакцинација не е решение.
На прашање на весникот Ле Соар дали треба да биде вакцинацијата задолжителна, тој одговара:
– Тоа е теоретско решение, чиста реторика. Во моментов само две земји го сторија тоа, Микронезија и Туркменистан. Зошто? Затоа што: како ќе го спроведете тоа? Практично. Ќе инсталирате контролни пунктови на улица? А, ако луѓето одбијат, ќе ги ставите во затвор? Ми велат “ама така се прави за полио“, да но, за полио тоа се прави речиси штом се родите. А, тука како ќе направите? И ќе им дадете аргументи на тие кои се колебаат: ете гледате, не можете да убедите, па затоа на сила го правите! Тоа е сосема реторичко и теоретско решение, вели премиерот на Белгија.
Според него, решението е во макотрпна едукација и објаснување.
Тој смета дека реалноста е многу покомплексна од начинот на кој некои тоа го претставуваат.
– Некои луѓе се загрижени, слушаат секакви приказни, некогаш се плашат, луѓето бараат да бидат уверени, да им се објасни. Убеден сум дека решението е да се работи на повеќе начии. Она што го правиме на терен е дел од решението, тоа што ќе го правиме од понеделник во училиштата е друг, исто и со некои работодавачи, јавниот превоз на пример предвидува да ги вакцинира вработените, мислам и дека идејата да се прошири вакциналниот серитификат на места каде луѓето можат да бидат загрозени, вели првиот човек на белгиската Влада.