Мицкоски посочи дека во скопски Бутел го запознал Мухамед. Неговиот роднина жив изгоре во тетовската модуларна болница. Мухамед укажал дека одбива да верува дека главниот виновник за смртта на неговиот чичко е само струен кабел, но нема ниту бес во него, ниту бара одмазда за Филипче, или кон кој било друг бирократ поради чие отсуство на одговорност повеќе го нема неговиот чичко. Нивната оставка нема да го врати неговиот живот, но првенствено што му е важно да се знае вистината, не за да има некаква политичка жртва, туку за да не се повтори на нечиј друг чичко, татко или роднина истото. И Мухамед не бара многу од државата, парче достоинство за него и за неговото семејство, тој ја сака вистината и неговото барање значи да спаси други животи во иднина.
„Вториот херој е малиот Бојан, кој живее во подножјето на Скопска Црна Гора. Откако го сретнав, на митингот во Гази Баба секогаш кога ќе погледнам низ прозорецот кога врне дожд помислувам на неговата судбина. Секој ден Бојан патува по два километри до неговото училиште. Пешки со ранчето на грбот. Претежно по каллив пат, неасфалтиран, а многу често вели кога ќе дојде зима, светлото е реткост по бандерите. Бојан живее на само 7 километри воздушна линија од оваа моја говорница, во центарот на градот. Тука до ова плато блиску е Владата, подолу на Водно е владината резиденција каде престојува премиерот. Таму има светло, асфалтирани булевари, внатре персиски килими, затоплување. Кај Бојан, на само 7 километри од тука нема ништо од ова. Нема асфалт, нема светло. Не знам дали има и канализација или водовод. Ама кај Бојан има надеж и челична волја да успее. И Бојан победува секој ден, и го носи нашиот товар како општество кое не успеавме да овозможиме еднакви услови за развој. Затоа Бојан е мојот херој, херојот поради кој вреди сето ова. Поради кој имаме обврска да успееме, да победиме и да донесеме иднина и за него, и за сите млади луѓе кои заслужуваат надеж, шанса и среќа“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека мора да се воочи дека ниту едно оружје на светот, не е толку за застрашувачко како волјата и моралната храброст на слободните индивидуи, на луѓето кои се хероите на нашето време поради кои мора да се менува системот.