Лидерството кое го покажа Германија со Берлинскиот процес е важно. Некои од придобивките од процесот се опипливи, некои се повеќе политички. Мирна, стабилна и демократска иднина за регионот тоа се цели кои не можат да се постигнат поинаку освен преку европската иднина на регионот. Доколку се одземе европската перспектива од равенката остварувањето на сето ова – мирна, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан, ќе биде доведено во прашање.
Ова го истакна заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на обраќањето на панелот „Берлински процес – Што следи?“ во рамки на дводневниот Белградскиот безбедносен форум, на која учествуваат претставниците на Европскиот парламент и тинк-тенк секторот.
-Германија економски е многу присутна во регионот. За мојата земја таа е најголем трговски партнер, речиси половината од производството на земјата оди за германскиот пазар. Политички имаме многу добри односи со Германија. И Германија е земја-членка со многу јасно признание дека европеизацијата на овој регион е стратешки интерес за ЕУ. Тоа е многу важни и за граѓаните на Западен Балкан, бидејќи за нив процесот значи европскиот начин на живот да се донесе дома. Во спротивно, а тука сме во трка со времето, за многумина би било полесно да заминат за Германија, Италија или во други земји членки и таму да го имаат европскиот живот. Но, идејата е да го направиме регионот европски. Причината, мотивацијата за процесот, за почеток на процесот е да се дојде до опипливи резултати плус политички заложби. Признавање на важноста на регионот е се уште присутно, вели Димитров.
Во однос на проширувањето на ЕУ, тој оценува дека процесот е се уште во криза и нема многу активности, посочувајќи дека последното поглавје Србија го отвори во декември 2019, Црна Гора во јуни 2020, додека одлука за почеток на преговорите од март 2020 година со С Македонија и Албанија се уште не може да се имплементира иако е донесена со консензус.
– Значи, нема многу движење на теренот. Имавме самит кој испрати добар политички сигнал, им требаше малку време на земјите членки да се договорат, но на крајот се согласија да го вклучат зборот проширување, што сметам дека е важно. Но, анкетата на Евробаромер потврди дека не само владите туку и луѓето во регионот се прашуваат дали е реално, дека еден ден можеме навистина да станеме дел од ЕУ. Се наоѓаме сред избори, и иако не сум директно дел од тоа, многу е важно ЕУ да го направи победнички проевропскиот глас. Ако не успееме да испорачаме, бидејќи ЕУ не може да испорача на регионот, проевропските, прореформски сили ќе бидат соочени со големи предизвици. И тука сме во моментов, оценува Димитров.