Според објавата на веб страницата на Собранието, Предлог-буџетот е ставен на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет закажана во 11 часот, а потоа треба да биде разгледан и на Законодавно-правната комисија.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година.
Капиталните инвестиции за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и за првпат се повисоки од буџетскиот дефицит кој е проектиран на ниво од 33,5 милијари денари или 4,3 проценти од БДП. Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2,4 проценти.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервјуто за МИА, кое во целост беше објавено викендот, порача дека е важно буџетот да биде донесен навреме затоа што со него се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.
– Значајно е да подвлечам дека преку Буџетот се обезбедува и навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, се обезбедува реализација на капитални инвестиции, коишто за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит. На тој начин се почитува златното правило во јавните финансии, односно планирани се повеќе средства за финансирање на инвестициските проекти, од предвиденото задолжување, истакна Бесими во интервјуто.
Според него, Предлог-буџетот по сите карактеристики е развоен што се гледа и преку проектираниот историски највисок износ на капитални инвестиции во вкупните расходи од 14 проценти. Уште позначајно, како што посочува, е што тие се проектирани на износ кој е повисок од буџетскиот дефицит.
На ваков чекор, како што појаснува, се одлучиле затоа што Владата е фокусирана на остварување повисок економски раст и подобар квалитет на живот на граѓаните.
– За ова да се постигне, јасно е дека мора да има повисоки капитални инвестиции, но тие треба да бидат во клучни инфраструктурни области кои ќе генерираат раст, вели Бесими.
Подготовката и донесувањето на буџетот е пропишано со закон и во него се наведени прецизни рокови според кои треба да се постапи. Согласно тие рокови, буџетот од страна на Собранието треба да се донесе најдоцна до крајот на годината.