Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, желбата е да се создадат работни групи што ќе ги здружат сите партии со кои сакаат да коалицираат и да почнат да разговараат за политиките со експертите на секоја партија.
Ќе има и лидерска средба, а разговорите нема да бидат за кое министерство за кого ќе биде, туку за организирање процес што ќе ги обедини тимовите од самиот почеток, објасни Петков.
Тој посочи дека планираат да пренесуваат во живо дел од состаноците на работните групи за бугарскиот народ да знае кои се политиките и кои се разликите за кои се дебатира и дека е јасно дека нема задкулисни зделки и незаконски дискусии.
Петков најави дека веќе се слушнал со дел од политичките лидери. Покрај Корнелија Нинова, лидер на БСП и Христо Иванов од Демократска Бугарија, Петков разговарал и со Слави Трифонов за да му каже дека заминуваат со добра намера да работат заедно.
Според Кирил Петков, оптимистично е што има големо мнозинство луѓе кои овојпат сакаат промени. Почнува да се гледа дека допирните точки се повеќе од точките на поделба, додаде тој.