Како што соопшти собраниската прес-служба, во периодот од 1 октомври 2021 година до 31 март 2022 година земјава е претставена на ЕКСПО 2020 во Дубаи со слоганот „Дом на секој чекор“, а под мотото „Нови можности“.
Бекри Ајдини, генерален комесар за Република Македонија на Дубаи Експо 2020 истакна дека земјата со сопствен павилјон се презентира како успешна приказна, земја со богато историско и културно наследство, каде во хармонија живеат различни етнички заедници.
-Претставена е како атрактивна туристичка дестинација во сите четири сезони, што нуди можности за авантуристички спортови и највкусна храна. Посебен акцент е ставен на презентирањето на земјата како дестинација на можности за странски инвестиции, бизнис поволности и економска и трговска соработка.
Со дополнителни панели се претставени и слободните економски зони, можностите за соработка во земјоделството, енергетиката и сл., соопшти Ајдини.
Во текот на презентацијата, Ајдини подвлече дека интересот на компаниите од земјава за учество на Експо 2020 Дубаи е на задоволително ниво, а нивното преставување генерално се одвива преку нашите стопански комори.
Предвидено е учество на компании од земјава од сродни сектори во согласност со програмата и неделите на Експо 2020 Дубаи. Ќе биде максимално искористена и иницијативата „Отворен Балкан“ за блиска соработка меѓу павилјоните на Република Македонија, Република Србија и Република Албанија, во рамки на Експо 2020 Дубаи.
Република Македонија ќе биде во центарот на светската јавност на 22 февруари 2022 година, кога во рамки на Експо 2020 Дубаи ќе се одржи централна културна манифестација и бизнис форум за промоција на инвестициските можности.
Собраниската прес-служба наведува дека како гест на срдечно гостопримство, од страна на домаќините беше организирана и посета на Павилјонот на ОАЕ и на Павилјонот на Саудиска Арабија.Експо 2020 Дубаи е најголем меѓународен настан на кој учествуваат над 190 земји, а се очекуваат над 25 милиони посетители