– Ние не можеме да зборуваме за намерите на Руската Федерација, но сме загрижени бидејќи ги знаеме тактиките на Москва од минатото. Ако погледнете наназад, а тоа го истакна и државниот секретар, во 2014 видовме окрупнување на руски сили и потоа се случија наводни провокации како преттекст тие да влезат во источна Украина и на Крим, изјави Прајс.
Тој додаде дека тоа што САД немаат намера да прават во овој момент е да ги „телеграфираат тактиките на САД“ во одговор на разместувањето на руските сили.
Државниот секретар Ентони Блинкен претходно изрази загриженост околу окрупнувањето на руската војска и воена техника на границата со Украина. Според украински извори, на границата моментално се наоѓаат околу 100.000 руски војници.
Неговиот портпарол уште еднаш го повика „режимот во Минск да запре со злоупотребата на имигрантите“ и истакна дека „европските партнери подготвуваат санкции за одговорноста на режимот на Лукашенко за овие хибридни операции“.
– Сѐ додека режимот во Белорусија одбива да ги почитува меѓународните обврски и заложби, сѐ додека го поткопува мирот и безбедноста во Европа, сѐ додека продолжува со репресиите и насилството врз сопствениот народ, притисокот врз Лукашенко нема да попушти и нашите повици за одговорност нема да престанат, изјави Прајс.
Тој додаде дека „САД го ценат лидерството покажано од Литванија, Латвија и Полска во соочување со предизвиците создадени од режимот во Минск и од неговите акции“.
– Стоиме зад ЕУ, стоиме зад нашите партнери и сојузници во поддршката на демократските апсирации на белорускиот народ, рече Прајс.