Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат исто така и пратениците на СДСМ да кажат дека предложените измени во законот се неприфатливи.
И премиерот Зоран Заев очекува оваа недела во Собранието да бидат донесени законите од петтиот пакет економски мерки. Тој вчера уште еднаш повтори дека ќе се најде решение за законот за државјанство и апелира секој да ја исполни сопствената одговорност.
– Очекувам оваа недела ако може да се заврши. Повторно ја испраќам пораката сите да го завршиме својот дел од одговорноста пред нашите граѓани и да не ги залекуваме било кои суети ставови на грбот и на штета на граѓаните. Изразивме јасни ставови на работната средба со претставниците на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Го видоа нашиот дух и спремност дека овој закон ќе го поддржиме, решението ќе го изнајдеме во тој дел како е тоа најдобро прифатливо за да се реши статусот и да добијат државјанство граѓаните кои немаат. Затоа апелирам да се ослободат ден порано законите зашто не правиме никому добро, а останува целосната наша посветеност за изнаоѓање трајно решение за добивање државјанство, рече Заев.
Опозицијата предупредува дека нивните анализи покажале дека дупката во државата каса во првите три месеци од оваа година се движи меѓу 110 и 115 милиони евра и најверојатно ќе биде потребна нова обврзница за да се обезбедат пари за поддршка на компаниите.
Министерот за финансии неодамна изјави дека буџетот е во добра кондиција. „Наплатата на приходите во Буџетот од почетокот на годината е подобра и во однос на преткризниот период минатата година. Од почетокот на годинава заклучно со средината на март е повисока за 3,1% во однос на истиот период минатата година, додека наплатата на даночните приходи е повисока за 4,2%“.
Собранието денеска треба да ја продолжи 30-тата седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои законите за употреба на знаковниот јазик, за заштита од вознемирување на работното место, за практиканство, за волонтерство, како и за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување.