-На овогодишниот декемвриски самит на Советот, се надевам на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија, кажа Маричиќ после споделувањето на се она што е реализирано во рамки на Стратегијата за реформа на правосудството пред колегите од Западен Балкан и претставниците на ЕУ меѓу кои и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.
Набројувајќи ги сите усвоени клучни стратешки документи за понатамошно подобрување на работата на судиите/обвинителите како и обезбедување на нивната независност од потенцијалниот надворешен и внатрешен притисок, Маричиќ, како што информираат од неговиот кабинет, најавувајќи дека веќе е во процес на изработка на нова Стратегија, за периодот 2023-2027 година.
Во делот на владеењето на правото и реформите кои се однесуваат на процесот на создавање независен, непристрасен и ефикасен судски систем кој ги исполнува европските стандарди, Маричиќ се задржа на важната улога на Академијата за судии и јавни обвинители во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално усовршување на судиите и обвинителите во Република Македонија.
-Мој личен став како министер е дека примарно и најважно што можеме да преземеме за да се испорача правдата и нашите граѓани да имаат доверба во нашите правосудни системи е да вложуваме во квалитетна и професионална обука на професионалците кои влегуваат во правосудниот сектор, потенцираше Маричиќ, се вели во соопштението.
Во фокусот се најде и дигитализацијата на судството за која Маричиќ рече дека е повеќе од потребна во борбата против корупцијата.
-Кога се дигитализираат повеќе процеси, се намалуваат шансите за човечко влијание. А тоа, според мене, дава дополнителна вредност на целиот процес и напори што ги правиме. За тоа ни се потребни судии, обвинители и судска администрација кои постојано ќе се надоградуваат следејќи ги програмите и обуките на Академијата за судии и јавни обвинители, што е и една од задачите на Академијата, заклучи Маричиќ.
Маричиќ, како што информираат од неговиот кабинет, на крајот испрати порака дека направивме позитивни промени во правосудството во духот на европските вредности и дека очекува ЕУ партнерите да го наградат тоа давајќи им на Македонија и Албанија датум за отпочнување на преговорите.