Додека двете членки на ЕУ имаат сличен став за руските трупи кои се собираат на границата со Украина, нивните позиции се многу различни за контроверзниот гасовод „Северен тек 2“ што ја заобиколува Полска за да испорача руски гас за Германија и за германските репарации поврзани со Втората светска војна.
Втората тема најверојатно ќе биде ситуацијата долж границата меѓу Полска и Белорусија, каде бегалците главно од Блискиот Исток се упатуваат кон Германија, и таа се користи како политичко оружје од страна на белорускиот лидер Александар Лукашенко.
Новата германска коалициска Влада е под зголемен меѓународен притисок поради гасоводот, кој е готов и е наполнет со гас, но чека одобрување од регулаторите.
Има разлики и во новата германска Влада, затоа што Баербок, членка на Зелените, изрази противење на гасоводот за време на изборната кампања на почетокот на оваа година, додека членови на социјалдемократите (СПД), најголемата партија во коалицијата,се за проектот.
Во Варшава во моментов се спроведува постер кампања која ги поддржува барањата за воени репарации, што предизвика контроверзи во меѓусебните односи. Постерите ги прикажуваат поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и германскиот амбасадор во Варшава заедно со Адолф Хитлер и министерот за нацистичка пропаганда Јозеф Гебелс. Кампањата е финансирана од фондација со блиски врски со полската владејачка национална конзервативна партија Право и правда (ПиС).