Силната поддршка преку политиките го ублажи влијанието од пандемијата врз економијата. Буџетот за 2022 година продолжува да ја поддржува економската активност и соодветно го намалува трошењето поврзано со пандемијата. Инфлацијата ќе почне да се намалува во втората половина на следната година и ќе се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа. Ова се суштинските поенти во Изјавата на Мисијата на ММФ објавена по завршувањето на консултациите во врска со член 4 од Договорот со ММФ.
Притоа во Изјавата, Мисијата ги препознава преземените мерки од страна на Владата за справување со пандемијата.
-Силната поддршка преку политиките го ублажи влијанието од пандемијата врз економијата. Фискалните мерки за поддршка помогнаа да се спречат големи отпуштања од работните места и да се заштитат оние кои се најранливи, додека монетарните и финансиските мерки ја одржаа кредитната поддршка за економијата, се вели во Изјавата.
Понатаму Мисијата нотира дека со Буџетот за 2022 година се обезбедуваат повеќе средства во здравствениот сектор, вклучително и средства за вакцини, а воедно се обезбедува рамка за флексибилен одговор на потребите поврзани со пандемијата.
Среднорочната фискална стратегија е клучна за обнова на фискалниот простор, при што се препорачува продолжување на напорите за фискална консолидација со што ќе се обезбеди фискален простор за одговор на идни шокови.
Мисијата во Изјавата нотира дека понатамошните подобрувања во делот на управување со јавните финансии ќе значат поддршка на планот на Владата за зголемување на инвестициите и погенерално, ограничување на фискалните ризици.
Тие го поздравуваат досегашниот напредок во обезбедувањето транспарентност и отчетност во користењето на јавните пари, со препорака истиот да продолжи.
Во однос на економските движења за наредната година се очекува вработеноста постепено да закрепнува, додека високиот раст на платите, растечките дознаки и користењето на дел од кумулираните заштеди да влијае на зголемување на расположливиот приход. Мисијата очекува солиден раст на извозот, иако, како што нотира, на истиот неповолно ќе влијаат нарушувањата во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, додека големата домашна побарувачка подразбира висок раст на увозот.
Притоа се предвидува растот да се зголеми од 4 проценти во 2021 година, на 4,2 проценти во 2022 година, главно поттикнат од големата домашна побарувачка.