Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порачува дека како регулатор нема да лицитираат со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари се додека не ги направат потребните анализи.

Тој во интервју за МИА посочува дека одлуката за цената треба да биде донесена до крајот на месецов и нагласува дека јавноста детално ќе биде информирана колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.

Во продолжение следува целото интервју со Бислимовски.

Дали е реално да се очекува поскапување на електричната енергија до 10 проценти по 1 јануари, како што велат политичарите?

– Ние кажавме дека со цени нема да лицитираме. Ги добивме барањата од сите три компании. Сега ги анализираме, ги разгледуваме и тоа во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали ќе има трошоци за увоз, тоа е кај ЕВН Хоум и во делот кај Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената. Ние ќе видиме дали се реални тие цени коишто тие ги побарале за набавка на електрична енергија, негде се околу 220-230 евра за мегават час, дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесеме нашата одлука. Потенцирам дека ние со цени нема да лицитираме додека не направиме анализи и за сето тоа ќе ја информираме јавноста колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.

Факт е дека најголем проблем ни е покривање на загубите и во преносната и во дистрибутивната мрежа. Во преносната мрежа се некаде околу 15-16 милиони евра побарано од нив дека се зголемени нивните трошоци, а во дистрибутивната мрежа 134 милиони евра. Значи, тоа се факти. И тука не може да се лаже. Тоа се тие бројки коишто ги пријавиле како трошок и факт е дека електричната енергија на берзата во Унгарија на ХУПЕКС денеска се приближи на 400 евра за мегават час. Тоа е фантастична цена и транспарентно го објавуваме и го кажуваме дека тоа има сериозно влијание и општо врз целокупниот пазар на електрична енергија не само во земјава, туку и во целиот регион.

На што се должи тоа?

– Во Европа цените овие последниве неколку дена се толку поради тоа што и цената на гасот нагло порасна, дојде до 1.500 долари за нормален кубен метар. Сето тоа прави сериозен притисок врз цените на електрична енергија, врз цените на природниот гас и врз цената на топлинската енергија.

Колкаво влијание на крајната цена има зголемувањето од 13,6 отсто што го понуди ЕСМ до ЕВН Хоум?

– Значи, од 13,6 проценти ако влијанието на ЕСМ во минатата одлука е 34 проценти, тоа значи дека влијанието ќе биде некаде околу 4,5 проценти. Значи, за толкав процент фактички мора да поскапи струјата. Тоа веќе е понудено. Сега ќе видиме како ќе го истераме со трошоците за обновливи извори и со трошоците од увоз, но тоа што го побарал ЕСМ тоа значи минимално поскапување од 4,5 проценти. Плус тука имаме трошок за обновливи извори којшто е сериозен и доколку има потреба од трошок за набавка на електрична енергија од увоз на слободен пазар, тоа ќе го детализираме во текот на следните неколку денови.

Сите компании дефинитивно побараа зголемување на цената?

– Сите компании дефинитивно побараа.

Дали ЕСМ може да побара само зголемување од 13,6 отсто или плус може да бара, за нивниот дел?

– РКЕ не му определува цена, туку тоа е цена која што ЕСМ ја понудил на тендерот на ЕВН Хоум. Тоа си е нивна цена, ние не ја определуваме цената на ЕСМ од 2019 година.

Може ли подетално да ни кажете што регулира РКЕ?

– Регулаторната комисија за енергетика регулира само мрежарина, тоа е пренос на електрична енергија и дистрибуција на електрична енергија. За тоа носиме одлуки и го регулираме. Пренос на електрична енергија е пренос преку високонапонска мрежа, тоа е од 110 киловолти до 400 киловолти во нашата држава, а дистрибутивна мрежа е од низок напон од 0,4 киловолти, тоа е тоа што го имаме ние потрошувачите дома – домаќинствата, па до 35 киловолтно напонско ниво.

Со новиот Закон за енергетика е точно утврдено дека ние определуваме мрежарина и така работат регулаторите насекаде во Европа. Во некои земји дури не ја ни кажуваат крајната цена. Ние сега за ЕВН Хоум определуваме цена, но ЕВН Хоум само треба да набави електрична енергија и на тој трошок што го имале се додава трошокот за мрежарините за пренос и за дистрибуција. Значи, со последната одлука ние влијаеме на 37 проценти од цената, а на 63 проценти како РКЕ немаме никакво влијание.

Како оди постапката?

– ЕВН Хоум е должна да распише тендер за набавка на електрична енергија и на тој тендер тој учесник – снабдувач, трговец или производител што ќе понуди најниска цена го добива тендерот. Кај нас и минатата година и оваа година во најголем дел обезбедува АД ЕСМ, бидејќи нуди најниска цена. За 2021 за вториот дел од годината е 36,1 евро за мегават час, а оваа година – за 2022 година ќе обезбеди електрична енергија од 41 евро за мегават час. Во 2021 покрај ЕСМ во првите шест месеци имаше и увоз на електрична енергија и тоа си има соодветно влијание. Дополнително сите снабдувачи во државата, вклучувајќи го и ЕВН Хоум се обврзани согласно Законот за енергетика да откупат електрична енергија од обновливи извори коишто користат повластени тарифи. Тоа е законска обврска и нема бегање од тоа. Значи, на тендерот РКЕ не може никако да влијае, бидејќи од 2019 година повеќе не определуваме цена на ЕСМ. Исто така, и кога има тендер за увоз и на тоа не можеме да влијаеме, тоа се пазарни компоненти и на трошокот за обновливи извори на ниту еден начин не можеме да влијаеме, бидејќи тоа е законска обврска.

За 2021 година кога ќе се раздроби нашата одлука некаде 34 проценти на крајната цена влијание има цената која што ја понудил ЕСМ, 9,92 проценти влијание има слободниот пазар на електрична енергија, односно увозот што е направен од страна на ЕВН Хоум и 7,31 процент влијание имаат обновливите извори на енергија. Сето ова се трошоци за набавка на електрична енергија, се распишува тендер и сега оваа електрична енергија кога ќе дојде треба да се пренесе преку преносната мрежа. Преносната мрежа е во сопственост на МЕПСО и влијанието на цената на МЕПСО врз крајната цена изнесува 4,12 проценти. На тој дел ние влијаеме. Понатаму, има трошок за оператор на пазар којшто е екстремно мал и влијанието е 0,15 проценти. Ние влијаеме и на тоа, но како што кажувам 0,15 проценти е екстремно мало.

Откога ќе пројде електричната енергија низ преносна мрежа понатаму продолжува низ дистрибутивната мрежа и таму има повеќе напонски нивоа. Има 35 киловолтно, има 20 киловолтно или 10 киловолтно и низок напон 0,4 киловолтно напонско ниво и енергијата се доставува до секој потрошувач во зависност кај е приклучен. Колку е приклучен на повисоко напонско ниво во дистрибутивната мрежа, толку цената за дистрибуција му е помала. Како доаѓа надолу енергијата до низок напон, трошокот за дистрибуција е поголем. Влијанието на цената за дистрибуција изнесува 33,06 проценти. Значи, вкупно на тоа што ние влијаеме како и сите регулатори во Европа е 37,2 проценти. Значи, само на тој дел влијаеме.

Потоа, оваа електрична енергија која поминала низ мрежата треба да ја наплати ЕВН Хоум. ЕВН Хоум на тендерот којшто се распиша има загарантирана маржа. Кога беше избрана ЕВН Хоум за Универзален снабдувач главен критериум беше маржата и на таа маржа ние не можеме на ниту еден начин да влијаеме, бидејќи таа е утврдена со тендер и државата има обврска до 2024 година да ја почитува оваа маржа. Влијанието врз крајната цена на таа маржа е 10,32 проценти. Дополнително во ЕВН Хоум како универзален снабдувач, како и секој снабдувач има трошоци за балансирање. Тоа значи дека ЕВН Хоум ќе најави одреден план за потрошувачка на електрична енергија на сите потрошувачи, ама вообичаено никогаш не се придржува и тие отстапувања чинат пари и нивното влијание на крајната цена е 1,13 проценти. Значи, ние не можеме да влијаеме и на балансирањето. Тоа е вообичаена техничка работа внатре работа.

Тоа е структурата на цената за 2021 година која што ја плаќаат сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа. И тоа така насекаде функционира во светот. Товарот си е кај нас, треба да се направи да се заштитиме од ценовни шокови затоа што може некои трошоци колку што можеме да влијаеме поинаку да ги предвидиме и слично. Значи, концептот на формирање на цена е овој, нема никаде ни во Европа ни во свет друг концепт на формирање на цени на електрична енергија.

Како работат европските регулатори?

Во најголем земји членки на ЕУ регулаторот не ја определува ниту крајната цена, туку универзалниот снабдувач набавува електрична енергија, да речеме по 100 евра, си додава некоја маржа која што му е утврдена исто како кај нас и тој трошок само го трансферира до крајниот потрошувач. Регулаторот не кажува – ако чинело да речеме 100 евра за мегават час на тоа ќе се додаде маржа да речеме уште 10 отсто, 110 евра и трошок за балансирање уште едно евро, 111 евра и тој трошок само го доставува, а Регулаторот нему ни одобрува. Потрошувачот добива и уште една фактура за мрежарина како што ги определил Регулаторот.

Кај нас е воведено во Законот ние да кажуваме цена со цел да спречиме ценовни шокови колку што можеме да влијаеме. Товарот така е пренесен врз РКЕ, но ние тоа по Закон мора да го направиме, инаку во најголемиот дел на европски земји Регулаторот не ја кажува крајната цена, а така е и во Албанија.

На што се должи замрзнувањето на цените на струјата и парното во Бугарија која е дел од ЕУ?

– Актуелно за Бугарија е дека ќе има замрзнување на цени, ама никој не мисли дека во Бугарија домаќинствата немаат универзален снабдувач. Домаќинствата си се сите стопроцентно на слободен пазар. И сега таму дојде до драстично зголемување на цената и поради тоа ја замрзнуваат, бидејќи кај нив Регулаторот нема да ја каже крајната цена за домаќинствата, може да каже само цена како што е сегде за пренос и за дистрибуција на електрична енергија и тука завршува цела приказна./МИА