Претседателот потенцира дека во решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската Унија не треба да се брза, затоа што, како што рече, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник. Наместо тоа, нагласи тој треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.
Тој нагласи и дека не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И доколку ваквата ситуација потрае, потенцира Пендаровски, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.
– Денес овде пред вас, сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно граничиме со три членки на Алијансата, а во ЕУ сите членки освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од било која друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите. Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока, рече претседателот Пендаровски.
Шефот на државата напомена дека нашиот пат кон Европската унија беше неправедно блокиран, но истакна дека во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас.
-Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани, рече Пендаровски.
Тој во обраќањето се осврна и на безбедноста и одбраната во земјата и притоа нагласи дека иако здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, мора да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори.
– Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Следната голема реформа која е веќе во тек во западните системи на областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето е заради подобро соочување со хибридните и кибер/сајбер закани, и со нивниот најистурен аспект, дезинформациите. Пандемијата ни покажа колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење, рече претседателот Пендаровски.
Во врска со, како што нагласи, новите безбедносни предизвици тој укажа на една потенцијална опасност со која, според него, се соочуваат и многу држави, далеку поразвиени од нас и во економска и во демократска смисла.
– Имено, зад параванот на таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања некогаш се кријат стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и овој дел на Балканот. Како дел од обврските што сега ги имаме како членка на НАТО, но, и заради усогласување со европската безбедносна политика, минатата година со американската влада потпишавме Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Со други зборови, државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.
Во контекст на безбедноста и стабилноста, на земјава и, но и на регионот, Пендаровски истакна дека поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионални играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности, кои, како што рече, не се компатибилни со евро-атлантските. Од овие причини, нагласи, паѓа и поддршката на граѓаните за евроинтеграциите, што како што истакна е најизразено во Македонија.
– Иако се јасни мотивите за таквата промена на расположението, имено, ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот во своите обиди за меѓународна афирмација, треба да знаеме дека влегуваме во година во која, не само ние, туку, сите држави на западниот Балкан повторно ќе бидеме соочени со старите дилеми. Наспроти фактот дека просперитетот на државите од еден ист регион е меѓузависен, сепак, нашата иднина во најголем дел зависи од одлуките што ги носиме тука, во нашите национални институции. Критичен предуслов за вистинска одлука е внимателно да следиме што се случува околу нас и во меѓународните центри на моќ и да реагираме разумно и на време, рече Пендаровски.
Осврнувајќи се на состојбите во регионот, рече, споредено со претходните децении, на Балканот се забележува релативен економски прогрес, меѓутоа и значајно демократско назадување, што, според него, само го забрзува иселувањето на луѓето и ја зголемува нивната апатија.
– Во повеќето земји, автократските и популистички водачи добиваат се поголема поддршка од граѓаните, додека во исто време поддршката за европските интеграции е во надолна линија. Поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионалните играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности кои не се компатибилни со евро-атлантските. Најдобриот доказ во таа насока го видовме во изминативе 18 месеци преку таканаречената Ковид дипломатија. Безбедносната ја потиснува во втор план интеграциската реторика и агенда, идентично како во раните 1990-тите години и иако е јасно дека не постои потенцијал за нови војни, во отсуство на политичка поддршка и ресурси за таков развој на настаните, очигледно е дека политиката на преферирана стабилократија и на статус кво доживува неуспех, нагласи Пендаровски.
Тоа, според него, било конечно препознаено и од клучните субјекти на западната алијанса.
– Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство кои назначија специјални пратеници за западниот Балкан, што, како што нагласува Пендаровски, се нема случено никогаш во исто време, ниту во деведесетите години од минатиот век.
Говорејќи за владеењето на правото и одговорноста, Пендаровски, истакна дека неселективноста е најдобриот начин да се надмине општествената апатија која се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда.
– Реформите во сферата на владеењето на правото се далеку најважниот приоритет за државата и според моја проценка тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел. И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај, нагласи Пендаровски.
Според него, најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата.
На крајот од годишното обраќање претседателот Стево Пендаровски го прокоментира и повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого, како што рече, во изминативе десет години „заедно биеле битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права“.
– Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата, истакна Пендаровски.
Сакале или не, како што посочи претседателот, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот.
Тој обраќањето го почна со едноминутно молчење во знак на почит кон нашите сограѓани кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година починаа од Ковид -19