Австрија се приклучи на неколкуте земји кои веќе најавија дека ќе им понудат четврта доза од вакцината против ковид-19 на одредени групи граѓани.

Како што пренесува агенцијата „Ројтерс“, во Австрија четвртата доза ќе им биде понудена на здравствените работници и вработени во останатите приоритетни служби, како резултат на ширењето на сојот омикрон.

Оваа одлука ја донесе Националниот совет за вакцинација, кој наведе и дека засега нема одволно докази за четвртата доза да се препорача за општата популација.

„Во однос на претстојниот омикрон бран, четвртата доза може да им биде понудена на вработените во високоризичните области (на пример за здравствените работници) шест месеци по примањето на третата доза“, стои во извештајот на советот, јавуваат тамошните медиуми.

Исто така, од Советот тврдат дека не постојат докази оти оваа дополнителна четврта доза може да спречи од заразување, но се претпоставува дека може да превенира сериозно заболување.

Австрија порано во ноември воведе тринеделен карантин, а вчера беше сооппштено дека ограничувања повторно ќе се воведат од 27 декември, за да се спречи ширењето на омикрон.

Претходно Израел и Германија најавија дека за одредени таргет групи ќе понудат четврта доза од вакцината против ковид-19.