Прославата по 30-ти пат ја организира Граѓанското здружение Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје.
– На скопјани ќе им биде обзнането дека се е готово за централното одбележување на Бадник, на 6 јануари на платото пред Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје. Уште еднаш ќе бликнат радост и среќа со бадниковото гранче, во пресрет на Бадник и во предвечерјето на најголемиот Христијански празник Божик, наведуваат од Граѓанското здружение.
Неделната средба ќе се случи точно напладне, кога ќе започне симболичното сечење на бадниковото гранче. Први тоа ќе го направат кумовите и здравичарот – Драган Спасов Дац и Александар Митевски и Живко Поповски Цветин, минатогодишниот кум и здравичарот – д-р Никола Пановски и д-р Миодраг Врчаковски.
Најавено е и присуство на градоначалниците на Скопје, Центар и Сопиште, поранешни кумови и здравичари, поканети гости и членови на естрадата. По сечењето на бадниковите гранчиња ќе следи дружба со песна и игра во прекрасниот амбиент на отворено.
Бадниковото гранче го симболизира здравјето, среќата и славењето на животот. Со него традиционално се украсуваат домовите во пресрет на Божик – раѓањето Христово.