Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) планира годинава да вработи 175 лица, а за тоа доби зелено светло од мнозинството на Советот на Град Скопје. Според одлуката, голем дел од вработувања се однесуваат на администрацијата, како што се: оперативен директор, советник на директорот за примена на Законот за употреба на јазиците, соработник за управување со човечки ресурси, виш соработник за планирање, следење и реализација на набавките, соработник за планирање, следење и реализација на набавките, помлад соработник за координација и организација итн.
За разлика од предвидени 175 вработувања, наведени се само 41 пензионирање, а образложението за потребата од нови работници е зголемување на надлежностите на институцијата или обемот на работа на организационите единици, како и пензионирање или најавено заминување.
Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата реагираат дека е бесмислено ЈСП во време на пандемија да вработува во администрација, кога се соочува со недостиг на возачи.
– Вработувањата значи не запираат. И сè ќе биде во ред верувајте, со искрена намера ќе гласав за оваа одлука, но ако на оваа одлука видев дека се вработуваат она што му фали на ова јавно претпријатие најмногу, а тоа се возачите – изјави советничката Ирена Мишева.
Според неа, не и е јасно во овој момент во услови на пандемија колку на ЈСП им се потребни соработници за секундарна продажба, за примена за закон на јазик, инженери за инвестиции, раководители на сектори, сметководство, работник за обезбедување на имоти и лица, работник за изгубено/најдено, за правни работи, човечки ресурси, референти по статистика, раководители на одделенија за општи работи итн.
– Му помагаме и секогаш сме биле на страна на ова јавно претпријатие, а од друга страна овие 175 нови вработувања излегува дека ние свесно сакаме да го распаднеме ова претпријатие – изјави Јелена Жугиќ.
И портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денескаa во име на партијата реагираше нарекувајќи ја скандалозна одлуката со која како што нарече „мрзливиот“ градоначалник, Петре Шилегов овозможил нови 175 вработувања во ЈСП – претпријатие кое, ако не се субвенциите на Град Скопје, како што е наведено во соопштението, ќе банкротира.
– Да беа вработувани само возачи кои што се дефицитарен кадар на ова јавно сообраќајно претпријатие ќе бевме првите кои што истото ќе го поздравеа, а вака понудениот список укажува на тоа дека ЈСП станува државна јагма за приватни и за партиски цели. Во година кога 60 илјади луѓе од приватниот бизнис остануваат без работа, кога економијата и официјално е во рецесија, токму на директорот на ЈСП поставен од неработникот Петре Шилегов му притребало после четири години директорување нов оперативен директор или пак советник за примена на Законот за јазици. Што ќе го советува и како сега после неколку години од донесениот Закон баш сега му притребал ваков кадар. Или пак работно место инженер за инвестиции, па какви инвестиции кога најголемиот инвеститор на ЈСП е токму Град Скопје – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Градот Скопје велат дека се работи за редовни планирани вработувања, што мора да се предвидат, но не значи дека ќе се реализираат.
– Сето тоа се планира бидејќи некои одат во пензија, некои ја напуштаат работата, па доколку не се планирани работни места, претпријатието не ќе може да врати други на нивно место – објаснуваат од Градот и нагласуваат дека поголем дел од вработувањата се за возачи или хигиеничари итн., а помалку се вработувања во администрацијата на ЈСП.
Притоа, од Град Скопје велат дека ова не се случува прв пат и за ова претпријатие, туку се реагирало на ист начин и за вработувања во други установи и претпријатија што се во нивна надлежност.