Институтот за јавно здравје на Белгија соопшти дека сојот омикрон владее со новите инфекции.
Од сите новозаразени случаи 69 отсто се должат на омикрон сојот, кој станува мнозински како што предвидуваа научниците пред еден месец.
Сојот омикрон е позаразен од делта, но според првичните студии тој предизвикува помалку тешка форма на болеста. Сепак во Белгија интензивната нега е веќе под огромен притисок и научниците стравуваат дека со брзото ширење на омикрон болниците многу брзо би можеле повторно да бидат во ситуација да не можат да се справат со притисокот.
Последната недела од 2021 се детектирани 11.132 нови случаи што претставува зголемување од 79 отсто во споредба со претходната недела. Од овие 69 отсто се омикрон.
Зголемен е и бројот на нови хоспитализации за четири отсто, како и стапката на репродукција на вирусот. Кога оваа стапка надминува еден тоа значи дека вирусот забрзано се шири. Во Белгија тој е 1,14 во овој момент.
Истовремено властите сепак одлучија да го намалат траењето на карантинот и интензитетот на тестирање и покрај тоа што сојот омикрон е позаразен.