Суданските безбедносни сили вчера во Картум употребија солзавец за да ги растераат демонстрантите кои протестираа поради воената хунта и поради убиствата на демонстрантите.

Тоа беше 13 протест од воениот удар извршен на 25 октомври 2021 година. Вчерашниот протест беше организиран два дена откако премиерот Абдал Хамдок поднесе оставка.

Хамдок поднесе оставка бидејќи не може да постигне консензус за продолжување на транзицијата, по што повика на дијалог за да се постигне нов договор за пренос на власта.

Од 25 октомври за време на протестите убиени се најмалку 57 цивили.

Хамдок, економист и поранешен функционер на Обединети нации, беше премиер во рамките на воено-цивилниот договор за поделба на власта што уследи по соборувањето на поранешниот лидер Омар ал-Башир во 2019 година.

Армијата ја распушти владата на Хамдок со државен удар во октомври 2021 година, но тој се врати еден месец подоцна според договорот со задача да формира технократска влада пред изборите во 2023 година.