Трајко Славевски, претседателот на Советот на Град Скопје, во емисијата „Утрински брифинг“, рече дека главниот град нема реурси во оваа ситуација да помогне во покривањето на дел од високите трошоци на БЕГ за набавка на природен гас.
Тоа е бесмислено, кога гледаме дека Владата има многу поголеми ресурси. Владата, за разлика од сите општини и Град Скопје, може да се задолжува. Таа е суверена и може да ускокне во оваа ситуација. Има уште еден проблем – ние не знаеме која е сумата што треба да се дозира, рече поранешниот министер за финансии.
Тој додаде дека Град Скопје во буџетот никогаш немало ставки за такво субвенционирање.
Министерот за економија, Крешник Бектеши вчера изјави дека Владата во координација со сите институции им предложила на сите компании кои имаат лиценца за снабдување со топлинска енергија, разликата од актуелната до реалната цена, да ја покрие од буџетот.
Владата во име на потрошувачите, средставата ќе ги уплати на БЕГ, а домаќинствата нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија. Бектеши ги повика Град Скопје и општините да се вклучат за помош, и да се ублажи притисокот кој го имаат компаниите. Министерот кажа дека 80 отсто ќе покрие Владата. Спомена сума од 5 милиони евра која ќе биде на товар на Владата, а општините ќе покријат милион евра.