Филипинските власти одлучија сите жители на главниот град Манила, кои не се вакцинирани против Ковид-19, да немаат право да користат јавен превоз, јави ДПА.
Таа одлука е донесена во време кога се зголемува бројот на новозаразени со варијантата Омикрон.
Во Манила и околните области има околу 13 милиони жители.
Согласно одлуката, доколку некој сака да купи билет за градски превоз, лицето ќе треба да покаже сертификат за вакцинација и документ за да го докаже својот идентитет. Исклучок се само оние лица, кои поради здравствени причини не се вакцинирани.
Претседателот Родриго Дутерте неодамна нареди апсење на сите невакцинирани граѓани кои ги напуштаат своите домови без оправдана причина.
Според податоците од вчера, на Филипините вакцинирани се околу 53 милиони луѓе – повеќе од 48 отсто од 110-милионското население на земјата.
Од почетокот на пандемијата, регистрираните инфекции надминаа три милиони луѓе. Вчера здравствените власти соопштија дека има 28.000 новозаразени со коронавирус.