Гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари, е на иста линија со дел од невалдините организации кои велат дека со закон ќе се овозможи увоз на отпадот како енергенс од други држави.

– Не се ни дискутира дали во Македонија треба да се увезе отпад. Вие знаете дека Македонија сама по себе веќе е една легална депонија. Прво треба да ги решат локалните и регионалните депонии кои вријат насекаде низ државвата и треба да се најде решение, а не да се увезува отпад. Значи нашата пратеничка група сигурно ќе биде против тоа, рече Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.

За изградбата на трите регионални депонии, Таравари вели дека онаа во Русино треба да се дислоцира или во Желино или во Јегуновце. Но, ако се прави според европски стандарди може да остане и во Русино. Другите две е планира да се изградат во Пелагонискиот регион и во Свети Николе каде би се складирал отпадот од североисточниот дел на земјава. Кумановскиот градоначалник, Максим Димитревски, денеска рече дека фабриката за преработка на отпад ќе се гради со поддршка од ЕУ.

– На урбаниот дел на Куманово имаме четири сериозни локации коишто најмалку двапати во годината ги чистиме, озеленуваме и повторно ја имаме истата слика. Според мене главниот проблем е недостаток на капацитет на општините во инспекцискиот надзор, рече Димитриевски.

За отпадот денеска се дискутираше на форумот за управување со цврст отпад и депонии. На дебатата беше кажано дека во земјава има три пати повеќе диви депонии отколку што има градови и села, односно над илјада диви депонии.