На самиот почеток имавме некаде околу 40 засегнати страни, заклучно со денес ДЗР има 380 засегнати страни, изјави главниот државен ревизор Максим Ацевски, пред почетокот на денешната работна средба.
Тоа, како што појасни тој, значи дека се утврдени целокупниот број на медиуми, новинари, дневни списанија, неделници и други надлежни органи, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за внатрешни работи, итн. – Во моментот кога одреден конечен ревизорски извештај ќе биде објавен на веб-страната во исто време се известуваат и сите засегнати страни со цел таквата информација да биде пренесена до пошироката јавност, односно граѓаните, рече Ацевски.
На денешната работна средба на ДЗР со засегнатите страни е предвидено да се пренесат активностите што Заводот ги прави.
– На денешниот ден ќе имаме можност да ги презентираме утврдените состојби од страна на ревизорскиот тим за извршената ревизија на усогласеност на експлоатација на водните ресурси при производството на електрична енергија, малите хидроелектрани за периодот од 2012 – 2020 година каде како ДЗР имаме утврдено поголем број на препораки за изменување на состојбата, но во исто време и заштита на животната средина која претставува една од клучните цели за одржлив развој донесени од Обединетите Нации, информира Ацевски.
За полесно разбирање на ревизорскиот извештај, како што додаде тој, од страна на ДЗР воспоставена е пракса целокупниот ревизорски извештај за финансиските извештаи и за ревизија на усогласеност да се обработи на една страна на која се дадени повеќе информации за самиот ревизорски извештај и по пат на семафор дадено е видување за самото ревизорско мислење за работењето на самиот субјект, предмет на ревизија.
– Во однос на одредени клучни ревизорски извештаи кои се однесуваат за ревизија на усогласенопст или за ревизија на успешност воспоставена е пракса на изготвување на соопштение за јавноста каде што одреден ревизорски извештај од 80 страни се преработува и прилагодува на начин кој е лесно разбирлив за пошироката јавност и тоа соопштение содржи некаде околу три страни и ги содржи сите клучни информации, рече Ацевски.
Денешната активност се реализира во рамки на проектот „Поддршка за имплементација на Стратегијата за комуникација на Државниот завод за ревизија“ кој ДЗР го спроведува со Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD) во соработка со Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, финансиран од Министерството за надворешни работи и развој на британскиот Комонвелт.
На настанот ќе бидат презентирани досегашните активности во рамки на проектот во насока на зголемување на транспарентноста, отчетноста и видливоста на ДЗР, можностите за подобрување на меѓусебната комуникација со засегнатите страни и воедно ќе бидат презентирани клучните утврдени состојби во Конечниот извештај за извршена ревизија на усогласеност со промоција на изработениот видео материјал како новитет во комуникацијата на ДЗР со сите засегнати страни.